Претседателот на Владата Димитар Ковачевски со економскиот тим на средбата со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, членовите на Управниот одбор и најистакнатите стопанственици во државата ја истакна важноста од континуираната соработка, партнерски однос со деловната заедница сè со цел постигнување повисоки стапки на економски раст и решавање на предизвиците од енергетската криза и пандемијата кои се одразуваат на финансискиот капацитет на економијата.
Во духот на конструктивната соработка премиерот Ковачевски и претседателот на Стопанската комора Азески се согласија дека на 18 февруари Комората ќе ја повлече иницијативата пред Уставниот суд во врска со законското решение за недела неработен ден и дека во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот, соопшти владината прес-служба.
На состанокот Ковачевски, заедно со владиниот економски тим, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, министрите за финансии Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, како и за труд и социјална политика Јована Тренчевска дискутираа со раководството на Стопанската комора на Северна Македонија за реализацијата на Планот за економски раст, кој се однесува на забрзување на домашните јавни и капитални инвестиции како и на странските стратешки инвестиции.
Во таа насока на работната средба беше посочено дека се работи на Законско заокружување за стимулирање различни форми на вложување во енергетиката, како и за мониторирање на процесите на инвестициите и на ефикасноста на реализацијата, а се зборуваше и за потребата од синхронизирање на процесите на дигитализација во владините институции со цел координирање на процесот.
OhridNews