Премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на денешната 123. пленарна седница на која на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот.

Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека денеска како држава треба да го направиме првиот одлучен чекор кон посакуваниот напредок на Северна Македонија и да ја искористиме историската шанса за остварување на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија.

Денеска е денот кога ќе стане јасно кој навистина сака државата да стане просперитетна држава, земја-членка на ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните. Денес пред пратениците ќе биде образложен предлогот за уставни измени кој е јавно достапен и од кој сите граѓани може да видат и да се уверат дека станува збор за измени кои го унапредуваат Уставот, кои не загрозуваат ниту едно идентитетско прашање, а кои го отвораат патот кон ЕУ. Очекуваме сите 120 пратеници да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да обезбедат подобра иднина за сите граѓани чии претставници се тие, се вели во соопштението.

Притоа се наведува дека денеска пратениците ќе имаат можност преку аргументирана и издржана дебата да обезбедат национален консензус за уставните измени и за европската иднина на државата исполнувајќи ги обврските од преговарачката рамка со кои ќе се овозможи продолжување по европскиот пат и отворањето на кластерите и поглавјата во рамки на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

Република Северна Македонија практикува европски вредности и заслужува, по членството во НАТО, да биде и полноправна членка на Европската Унија. Пред нас е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година. Гласот за Европа е глас за подобра македонска иднина. Од сите пратеници зависи дали ќе дадат придонес во остварување на генерацискиот сон или ќе ја втурнат земјата во изолација и десетици години неизвесност, се наведува во соопштението од Владата.

OhridNews