Чуварот на мрежата Мирослав Коциќ е првиот ракометар кој замина од македонскиот првак Металург по новонастаната ситуација во клубот.


Играчите одбија да тренираат и да отпатуваат на мечот со Загреб во СЕХА лигата, а потоа со соопштенија се огласија играчите и клубот.

– Во последната ситуација во клубот сега веќе и парите не беа главна причини. Сега настана хаос затоа што се побунија Македонците, а што се однесува до мене јас повеќе не сум дете па да играм и чекам дали некој ќе ми плати. Немам нерви за тоа. Од доаѓањето не добив денар, и затоа побарав раскин на договорот и заминав. Ниту јас не бев во некоја добра форма, ниту задоволен од играта, но ова ја мина секоја мера. Некој добиваше пари на тој начин што одеше да моли – рече Коциќ за српските медиуми, а пренесува Екипа.мк.

Лавината на незадоволство почна кога Металург на дуелот со Брест Мешков во Лигата на Шампиони отпатува без Дарко Станиќ и Павел Атман.

– Се почна кога тренерот се одлучи од тимот да ги изостави пред заминувањето за Брест, Дарко Станиќ и Павел Атман. Станиќ ми зборуваше уште од претходно дека нешто не е во ред, дека планираат да го бркаат, дека Червар нешто игра. Јас како да не му верував, но потоа се испадна како што рече. Јас со потпис во соопштението против Червар застанав зад екипата. Сите сметаат дека Лино е виновен, но јас сега во тоа нема да навлегувам. Се побунија домашните играчи, и затоа сега е тоа голем проблем – заврши Коциќ.

Мх.П.