Во периодот на преземање на претпријатието затекнавме долг од 1.107.885 денари од кои обврски према добавувачи 556.958 денари, четири неплатени паушали кон УО и НО, во висина од 264.468 денари кои ние со преземањето на ЈП ги исплативме во целост. Голем дел од обврските беа за интелектуални услуги или други видови на услуги од надворешни лица, кои ние во овие две години ги сведовме на минимум, информира директорот на ЈП Градски пазар, Тони Коталески на денешната прес конференција, давајќи отчет за сработеното во изминатите две години.
– Со домаќинско работење и штедење, расходите ги намаливме за околу 400.000 денари, најголеми намалувања има кај репрезентација за околу 170.000 денари, користење на услуги од надворешни лица, итн. Изминатите две години ги завршивме со позитивен финансиски резултат од 745,866 денари или за 2014 година 351.901 и за 2013 година 393.965 денари. Платите и паушалите редовно се исплаќаат без доцнење, а исплатени се и сите обврски. По барање на закупците на тезги и во интерес на граѓаните на Охрид, а во соработка со ЈП Билјанини извори, обезбедивме бесплатен паркинг на булеварот Туристичка пред самиот пазар, рече Коталески.
Тој потенцира дека за новогодишните празници, со помош на Локалната самоуправа беа обезбедени типизирани тезги за продажба на новогодишни украси и честитки, кои потоа беа искористени и за празникот 8- ми март.
– Веќе две години по ред го организираме Велигденскиот саем , со што даваме придонес во презентирањето на занаетчиските производи и производи кои се карактерситични за празникот. Тука ќе го наведам и хуманитарниот аспект, односно тоа дека изминативе две години имаме доделено пакети за помош на Социјално загрозени семејства, на лица со посебни потреби, сме донирале на лица на кои им биле потребни средства за операции, помош на настрадани во несреќи. Се вклучивме во акцијата за помош на загрозените во поплавите во РМ, како и поплавите во Србија и БиХ, информира директорот на Градски пазар.
Тој потсети и на отворањето на Автопазарот, во чии рамки работи и пазар за продажба на половни автоделови.
– Минатата година, обезбедивме простор за Пазар на големо, кај автобуската станица од чие работење сме задоволни. За оваа година планираме поголем обем на работа, секако со помош на надлежните инспекторати, кои ќе се погрижат да се отстранат дивите продавачи на небезбедни места по улиците на градот. Обезбедена е и просторија за продажба на сирење и јајца, за која просторија издвоивме средства од буџетот на ЈП и ги обезбедивме потребните услови за ваков вид продажба. Изработивме пристапни рампи за лицата со посебни потреби, а обезбедивме и паркинг места за овие лица.Изработивме и наша интернет страна,активно учествуваме во групацијата за зелени пазари, на барање на закупците извршивме целосно доосветлување на пазарот, со цел поголема видливост и заштита од кражби, рече Коталески.
Тој потенцира дека дека и во наредниот период продолжуваат активностите за подобрување на условите за работа. Информира дека во моментов се работи на неколку проекти, како што е отворањето на мини пазари за земјоделски производи, Цветен Пазар и современи цвеќари, нова дејност Автоперална Миење и одржување на возила, како и промовирање на пазарот .
Т.К.