Поголема самостојност во работењето и одговорност, ефикасност и стручност во извршувањето на работните задачи, вклучување во проекти наменети за стручно образование, можност за користење средства од фондови, максимална вклученост на ученичката заедница, се само дел од придобивките по осамостојувањето на СОСУ „ Св. Кирил и Методиј“ кое до август 2014 функционираше во рамки на гимназијата „ Св. Климент Охридски“.
На денес одржаната прес конференција В.Д. директорката на училиштето во кое се изведува образование од економска и здравствена струка , Славица Костоска, се осврна на постигнатите резултати во текот на шестмесечното работење на училиштето како посебен правен субјект.
– Започнавме во една динамична атмосфера на уредување, адаптација, облагородување на наставниот простор. Се адаптираа нови училници, се уреди влезот, во што имавме подршка и од голем број донатори. Се формира работниот колектив со преземање на вработените од ОСУ Св. Климент Охридски со склучување спогодби со наставен кадар од други училишта и со прием на нови кадри според согласностите добиени од локалната самоуправа. За жал, законската регулатива околу нови вработувања го успори процесот на целосна екипираност на работниот колектив.Но иако се уште немаме комплетирани стручни служби сите тековни активности се извршуваат без пречки. Ова се должи на несебичниот личен ангажман на сите вработени кои преодговорно пристапија кон извршување на своите редовни обврски, рече Костоска.
Таа додаде дека пред крајот на првото полугодие бил уреден кабинет со компјутери наменет за екстерно проверување на успехот на учениците и за наставата по сите предмети со користење на ИКТ, а до крајот на учебната година за оваа цел ќе биде опремен уште еден кабинет.
– Успеавме без никакви пречки да го организираме и спроведеме екстерното проверување. Според анализите на резултатите учениците остварија добри резултати но и наставниот кадар на што укажува и оствареното отстапување од максимум 0,5, потенцира Костоска.
Говорејќи за постигнатите успеси во текот на изминатите шест месеци Костоска ги напомена E- TWINING проектот Млади амбасадори на Унеско свестко наследство, проектот Македонија без отпад, проектите „ Семејно насилство- едукација и превенција“ , Хрватска- 2015, како и проектот „ Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“.
Т.Кувенџиска