Македонскиот ракометен првак Металург пред своите гледачи против Брест Мешков ќе го одигра последниот натпревар од регуларната сезона во регионалната СЕХА лига.
– Знаеме каква екипа е Брест, пред неколку натпревари игравме таму и имавме шанса и да победиме. Но, на крајот победи нивното искуство. Уверен сум дека секој од нас ќе го даде својот максимум и ќе се бори за што подобар резултат. Се надевам дека публиката ќе дојде на оваа последна средба и дека ќе ни даде поддршка. – рече Никола Костески.
Тимот на Брест Мешков е сигурен патник во фајнлфор завршницата во СЕХА и е фаворит во дуелот со Металург на кој само победа му одговара.
– Стигнавме и до последниот натпревар во регуларниот дел на СЕХА-лигата. Во изминатиот период, за кратко време одигравме три средби, меѓу кои и една со Мешков во Брест. Мешков веќе има осигурано настап во Веспрем и тоа е еден противник на кој добро му се спротивставивме во Брест, каде победи нивното искуство, но каде и ние добро игравме. Сигурно е дека тие се апсолутни фаворити, имаат моќен тим. Во составот имаат десетина странци, а во првата седморка сите им се странци, со исклучок на Рутенка. Очекувам тежок натпревар. Но, иако тие се фаворити, ние со нашата млада екипа ќе се бориме да се спротивставиме, да одиграме добро. Овие мечеви се значајни за нас, особено во овој период во кој во од градиме една млада екипа, градиме нов проект, со кој отвораме нова страница и во овој период мораме сите да имаме малку трпение. Натпреварот ќе го искористиме за да стекнеме дополнително искуство со кое ќе се подготвиме за наредните искушенија во македонската лига. Верувам дека гостите овој пат нема да влезат невнимателно како на првиот меч. Ја повикувам нашата публика да дојде да ги поддржи овие млади играчи. Борбеноста и публиката се на наша страна, се друго во овој меч е на страната на противникот. – потенцираше Червар.
По настапите во СЕХА лигата подмладената екипа на Металург ќе се фокусира на домашниот шампионат, каде ќе води жестока битка за втората позиција со составот на Зомимак.
Фото : Р.К. Металург
Ohridnews