Ракометарите на Металург пред своите гледачи против новершкиот Елверум (ќе) имаат шанса да ја забележат втората победа во третиот натпревар во групната фаза од Лигата на Шампиони.


Победите над Кадетен Шафхаузен во ЛШ и Работнички во Супер лигата им дава кураж на „металурзите“ пред дуелот со Елверум в сабота во 17:30 часот.

– На мечот со Елверум мора да изиграме храбро и машки од првата до последната минута. За разлика од нас тие се искусна екипа и немилосрдно ќе ги казнуваат нашите грешки. Наш дополнителен мотив ќе биде враќањето на „Пирати“ на трибините кои биле и се наш ветар во грб во тешките моменти од мечевите. – рече Никола Костески.


Свое стручно видување за третиот противник во Европа на Металург даде и Лино Червар кој полека но сигурно ги мести коцките во Автокоманда.

– Тоа е еден силен тим, првак на Норвешка, со неколку добри играчи, пред сѐ мора да обрнеме внимание на десниот бек Вестергард Мел. Друг играч кој е носител на нивната игра е Лука Митровиќ, потоа „контрашот“ Линдбое и висок пивот Моресен. Имаат високи играчи на позициите 3 и 4 и затоа мора да ја избегнуваме средината кога ќе напаѓаме. Нешто заедничко со Шафхаузен е тоа што и тие играат брз центар. Со Шафхаузен играа добро, загубија дома од Скјерн, за кој мислам дека е најдбар тим во нашата група. Но мислам дека таа голема победа (н.з. 14 разлика) не е реална, тоа беше ден на Скјерн. Ние мора да се држиме до нашата најсилна карта, а тоа е борбата. Да има дисциплина во играта, мора да ја наметнеме нашата игра. Многу ќе зависи од нашата одбрана. – потенцираше Хрватот, пренесува Спортмедиа.


Главен и голем проблем според „шефот“ на Металург би можело да биде опуштањето на ракометарите по победите над Шафхаузен и Работнички.

– Пристапот мора да биде подобар од претходните два мечеви за да се надеваме на позитивиен резултат. Ако во мечот со Елверум влеземе како победници ќе ни се удрат од глава двете победи од минатите два меча, а тогаш не сме направиле ништо. – објасна Червар.

Ohridnews