Компанијата Костал Македонија во соработка со Црвен крст Охрид денес пред просториите на општинската организација додели хуманитарни пакети со прехранбени производи на семејства во социјален ризик од Охрид и Дебрца.
Во рамки на кампањата за Недела на борба против гладта што од 16 до 22 октомври ја организиравме собравме доста голем број на производи и финансиски средства од кои беа направени хуманитарни пакети за социјално загрозените семејства, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, посочувајќи дека делењето на пакетите е веќе почнато изминативе денови и ќе продолжи и во наредните уште петнаесеттина дена.
За среќа имавме голем одзив и на охриѓани, но и на дел од компаниите. Една од нив е и Костал Македонија којашто издвои одредена количина на прехранбени производи од која беа направени хуманитарните пакети. Изразуваме благодарност до нив од името на сите кои ја добија донацијата и кои ќе ја добијат во своите домови. Благодарност за нивната висока општествена одговорност и соработката која ја имаме не само за оваа намена, туку и за други активности. Денес се доделени 50-тина пакети на 50 семејства, имаме уште количина на производи со кои ќе се направат пакети и ќе се доделат на семејства кои живеат во руралните средини и кои се на некој начин инвалидизирани лица и не можеа денес да дојдат, вели Точков.
Посочува дека во текот на целата година Црвен крст Охрид опслужува преку 500-тина семејства во социјален ризик кои имаат потреба да се прехранат.
Со вака високо општествено одговорни и совесни компании и наши граѓани успеваме да ги задоволиме потребите на граѓаните од ранлиците категории во текот на целата година. Не се работи само за храна, туку и за финансиски средства, лекови, операции… многу потреби на граѓаните. Ги охрабруваме сите кои се работоспособни да ги ангажираме од страна на Црвениот крст на најразлични активности, а секако дека и компаниите тоа треба да го имаат во предвид, овие луѓе да не чекаат само на готово да им биде доделена помош, туку да се вклучат во работниот процес онолку колку што е можно, додава Точков.
Како општетсвено одговорна компанија Костал Македонија во подолг временски период се труди да задоволи дел од потребите на ранливите категории граѓани и жители на Охрид и подолго време соработуваме со Црвен крст Охрид, вели директорот на Костал Македонија, Виктор Мизо.
Во рамки на месец октомври кога се одбележува Неделата на борба против гладта врз основа на нашите можности донираме 50-тина пакети потребни да се задоволат потребите за еден месец на овие граѓани од гледна точка на прехранбени производи. Но, ние континуирано на еден или друг начин се трудиме да донираме средства, опрема, понекогаш и храна за ранливите категории на граѓани, за да на еден или друг начин им се помогне. Би апелирал, не само ние како компанија, понекогаш и само нашите вработени, но и сите жители на градот да помогнат во рамки на своите можности на овие луѓе кои може немаат и соодветен покрив над главата, да им помогнеме да можат да преживеат, да го скрпат месецот, да се облечени, прехранети и да можат на еден или друг начин во иднина да се вратат во нормалните општествени текови, дали со добивање на редовен работен однос и можноста да се самоиздржуваат за да не мора да зависат од вакви донации, вели Мизо.
Како компанија секогаш гледаме да излеземе во пресрет на нашите граѓани, не само преку ваков вид донации, туку со се што е потребно.
Ние не можеме однапред да планираме кои ќе се потребите на градот и граѓаните. Пред два-три месеци имавме пожари на Галичица и тогаш најдовме начин како да помогнеме, со флаширана вода и друг вид опрема. Како компанија континуирано ги согледуваме потребите и сме во комуникација пред се со Црвениот крст Охрид, но и со општината за да помогнеме на начин на кој е потребно, потенцира Мизо.
Инаку, во склоп на на кампањата за Недела на борба против гладта за наредниот месец со едномесечна помош ќе бидат обезбедени преку 170 семејства.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски