Минатата година ќе биде рекордна за Македонија по инвестиции, ќе надмине една милијарда евра, посочи министерот за транспорт Александар Николоски при денешната посета на компанијата „Костал“ во Охрид каде се одржува Глобалната конференција на добавувачи и логистика на дивизијата за автомобилска електроника. Тоа не значи само нови инвеститори, туку зголемување и на капацитетите на постојните инвеститори како што е примерот со зголемување на капацитетот на „Костал“, потенцираше Николоски.
Минатата година според информациите кои ги имаме од Државниот завод за статистика ќе биде рекордна година по привлекување на странски инвестиции во смисла на вредност на истите. Ќе надминиме за првпат во историјата на Македонија една милијарда евра, а оваа година очекуваме истиот тренд да продолжи. Како Влада ќе се трудиме оваа поддршка да продолжи, рече Николоски.
Глобалната конференција, посочи, е голема шанса и за многу македонски мали и средни претпријатија кои можат да се вклучат во ланецот на снабдување на групацијата „Костал“, што значи отворање на дополнителни работни места, стимулирање на семејните бизниси, на малите и средни бизниси, и тоа може да значи потенцијално уште поголем економски, потенцираше Николоски.
Заедно со тимот на „Костал“ разговаравме и за проширување на инвестициите. Тука сме да помогнеме со се тоа што можеме. „Костал“ е првата компанија која се согласи глобалниот корпоративен данок да го плаќа во Македонија, што значат дополнителни средства во македонскиот буџет. Очекувам во годините да се развива соработката, да се отвораат нови работни места, да расте извозот, да се зголемува девизниот прилив, додаде Николоски.
Генералниот директор на „Костал Македонија“ Виктор Мизо истакна дека без разлика што автомобилската индустрија во изминатите години, почнувајќи од 2017 година наваму посебно во Европа се соочува со континуирани кризи кои во многу случаи се пролонгирани, „Костал Македонија“ продолжува со раст и развој.
Ова е само директен пример дека ние сме најважната локација на групацијата во Европа, најголем дел од износите на инвестирање на годишно ниво во изминатите две години од сите европски локации се лоцирани токму овде во Охрид и тоа ќе продолжи и понатаму. Од таа гледна точка минатата година ја завршивме со околу 140 милиони евра извоз и плановите за оваа година заради сите дополнителни инвестиции, развој и нови програми кои дојдоа во Охрид се дека ќе имаме извоз кој ќе надмине 200 милиони евра, што значи дека ќе имаме потенцијален раст над 50% споредено со минатата година, истакна Мизо.
Посочи дека соработката со институциите, со државата е навистина важна бидејќи за многу од активностите, не само во „Костал“ како компанија, туку и за сите странски инвеститори важно е да има дијалог и решавање на проблемите кои се поврзани на пример со хармонизација на цариснките стапки за да се има исто ниво на конкуренстност со сестринските компании кои работат во Европската Унија, поедноставување на процесите за олеснување за добивање работни дозволи и визи за странци, намалување на процесите на бирократија и помагање на постоечките компании.
Важно е дека во следните три дена имаме Глобална конференција за логистика и ланци на добавувачи од сите групации на „Костал“ од цел свет кои се дојдени во Охрид. Охрид го позиционираме како место каде сите од групацијата во повеќе од дваесет земји на пет континенти доаѓаат да го видат примерот на нашиот развој, локално, тука и дополнително ние да добиеме дополнителни информации и знаења за поефикасно да работиме и да се развиваме, потенцираше Мизо.
Главниот оперативен директор на компанијата „Костал“, Ханс Јорг Херман, посочи дека имаат инвестирано многу, изминативе неколку години, преку 100 милиони евра и подготвени се да надминат и над 150 милиони евра во иднина.
Тоа покажува зошто доаѓаме, затоа што имаме вложено многу на едно место. Македонија е многу важна за Европа, многу важна и за групацијата, затоа сме тука. Сакам да му се заблагодарам на Виктор и неговиот тим, но и на партнерите во Владата, затоа што добивме многу поддршка од нив во минатото и се надеваме дека во иднина ќе продолжиме исто, со добра соработка да го извлечеме максимумот од оваа фабрика, и за „Костал“ и за градот Охрид, посочи Херман.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска