Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, обраќајќи се на конститутивниот состанок на новата Комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, им го честиташе мандатот на новите членови на Комисијата, изразувајќи уверување дека тие ќе обезбедат континуитет во работата на Комисијата и ќе дадат нов придонес во подигнувањето на стручните стандарди во заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и на неговата исклучителна универзална вредност.

Изразувајќи задоволство од работата на членовите на Комисијата во двата претходни состави, Костадиновска-Стојчевска потсети на њзаштитните активности што стручниот тим од Министерството за култура над шест години ги вршеше за потребите на Комисијата.

Во овој период се донесени и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2020) и Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030), документи што ги содржат дозволените и рестриктивните активности за Охридскиот Регион, рече министерката за култура.

Таа додаде дека Министерството за култура, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид“, изработи и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чиј текст е во собраниска процедура и во кој се предвидува дека до донесувањето на новите детални урбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во Законот, во Старото градско јадро на Охрид не може да се градат нови објекти, доградби и надградби.

Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство, изработена е и нацрт-верзија на Закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

Министерството за животна средина и просторно планирање, од почетокот на своето постоење, има важна улога на заштитник на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион и зачувување на интегритетот на најстарото и најбогато езеро со биолошка разновидност во Европа. Министерството во континуитет имплементира конкретни активности во делот на заштитата на природата што е исто така важно како и заштитата на културното наследство, изјави министерката Шукова, упатувајќи им честитки за именувањето на членовите на новоформираната Комисијата со желби за успех во претстојната работа.

Со Одлука на Владата, претседавач на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион од 1 април годинава е Министерството за животна средина и просторно планирање.

OhridNews