Новиот закон за култура се подготвува внимателно. Целта е да се унапредат правата на културните работници, а новина во законот е што ќе им овозможи вработување на младите, кои штотуку дипломирале на некои од уметничките факултети. Од конкурсот, кој годинава се одвива целосно онлајн, очекувам квалитетни, видливи, „гласни” проекти, а посебен интерес да пријават младите лица и жените, вели во интервју за МИА министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Министерката објаснува дека целта на Нацрт верзијата на новиот Закон за култура што е во изработка, е да одговори на новите предизвици на културата во земјава, а потребата за овозможување на вработување на младите се јави поради недостиг на млади и на нов кадар во културните институции.
Оваа академска година во соработка со Министерството за образование и наука (МОН), како што посочи, насоките – архитекти, историчари на уметност, етнолози и археолози ќе бидат ставени на листата за стипендирање, а од наредната академска година ќе бидат уредени како дефицитарни кадри, со можности за поголемо стипендирање и приоритетно вработување.
Од Синдикатот за култура неодамна реагираа на процедурата со која се одвива донесувањето на Нацрт верзијата на новиот Закон за култура, алармирајќи дека не се вклучени во работните групи за изработка на новиот нацрт.
Според Костадиновска Стојчевска, реакцијата на Синдикатот е разбирлива бидејќи во минатото од нив се криеле нацрт верзиите на законот.
Оваа нацрт верзија на Законот за култура решивме да ја работиме во фази. Најпрво, да ја работиме во работната група во Министерство за култура, па дури потоа да го доставиме до Синдикатите и да добиеме забелешки. Е, тука можеби требаше од самиот почеток да ги вклучиме директно за да не дојдеме до вакви реакции и несогласувања, иако во самата работна група има и членови на Синдикатот, но номинирани од институцијата. Овој пропуст го премостивме со тоа што го поправивме решението за работната група, вели министерката за МИА.
На прашање колку буџетски средства се издвоени за капиталните реконструкции оваа година, Костадиновска Стојчевска информираше дека во тек се шест инвестициски проекти, кои се продолжување на изведбата од претходните години. Три се изградби на нови објекти во Тетово, Скопје и Струмица, а три се реконструкции на постојни објекти во Куманово, Кочани и Гостивар.
Оваа година се започнати девет нови капитални инвестициски проекти, како реконструкции на објекти на национални установи од областа на културата.
Од овие девет проекти, кај три објекти веќе изведбата е во напредна фаза, поточно кај НУБ Климент Охридски – Скопје, Музеј д-р Никола Незлобински – Струга и Музеј на современа уметност – Скопје, додека за останатите шест проекти како ЦК Прилеп, ЦК Битола, Музеј на Македонија, Национална галерија, ЦК Струмица и за студија за енергетска ефикасност, оваа година се обезбедува проектната и техничката документација по која во наредните години треба да биде започната и завршена предвидената реконструкција, рече министерката.
Реконструкција на НУ Музеј д-р Никола Незлобински – Струга ќе се заврши годинава, со предвидената инвестиција од 4 милиони денари за реконструкција на фасадата и кровот како прва фаза, додека за следната фаза е предвидено да се изведат инсталациите со внатрешното уредување и уредување на музејската поставка.
Исто така, Костадиновска Стојчевска најави дека до крајот на годината во нашата држава ќе се одржи првиот состанок во рамките на соработката на „Отворен Балкан“, во областа на кинематографијата и аудиовизуелните уметности со претставници од трите земји, каде како што потенцираше, дополнително ќе може да се направат контакти за понатамошни заеднички проекти, а ќе се обрне внимание и на размена на искуства од реномирани имиња во тоа поле.
Очекувам со моите колешки од останатите земји секоја година уште повеќе да се поддржуваме, како и да работиме на што повеќе културни проекти во кои ќе бидат опфатени младите и жените, вели за МИА министерката за култура.
На реакцијата од Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) кои со години наназад бараат соодветен простор за работа, Костадиновска Стојчевска посочи оти на ликовните уметници им е ветено дека ќе им се помогне и порача дека проблемот ќе го решат набрзо.
OhridNews