„Отворен Балкан“ е широко отворен простор за културата и за уметноста. Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето на заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид.
Тука сме, како што потенцираше, за да ги отстраниме сите административни бариери во регионот чие досегашно постоење беше губење драгоцено време.
Министерката денеска потпиша Меморандум за културна соработка заедно со министерките за култура на Албанија и на Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ.
Во Меморандумот, според Костадиновска-Стојчевска, ќе се препознаат нивните заложби за креирање заеднички календар на културни настани, како и идеите за создавање „Отворен Балкан филмски фонд“, „Отворен Балкан сцена на ЕГЗИТ“, „Отворен Балкан вечери или сцени на сите фестивали во Регионот“ и организирање на „Отворен Балкан летен младински музички фестивал“, како и развој на програми за младинска размена.
Министерката напомена дека културата одамна го проби патот на меѓусебната соработка и уважување и се избори за високо место на агендата на „Отворен Балкан“.
Препознавајќи ја суровоста на пазарот, особено на малите пазари, културата мора да биде заштитено добро. „Отворен Балкан“ не одзема ништо од никого. Напротив. Создава додадена вредност на нашите културни и уметнички богатства. „Отворен Балкан“ не е замена туку потреба и порака. Доволно долго време Балканот беше доживуван и опишуван како „буре барут“. Некои сметаат дека барутот е доволно исушен, но ние решивме дека нема повторно да го гасиме со нашите солзи. Културата ја има таа моќ да го откорне тој пеколен фитил, порача на Самитот Костадиновска-Стојчевска.
Таа напомена оти се радува на скорешното отворање на македонскиот Културно-информативен центар во Белград и на српскиот во Скопје.
Според сите стручни анализи и проценки, како што рече, Балканот во блиска иднина ќе биде еден од најпогодените региони во Европа од климатските промени. Тоа, додава министерката, не можеме да го спречиме, но можеме заедно да се подготвиме зашто трите држави имаме големо културно наследство кое, исто така, сме должни да го заштитиме.
Според албанската министерка Елва Маргарити, нема потреба да создаваме „мостови“ на комуникација, бидејќи културата е сама по себе „мост“. Културата, како што рече, отсекогаш е еден заеднички именител.
Културата денеска е еден многу важен именител во развојот на нашите економии. Сите заедно треба да ја зајакнеме нашата врска во секторот на креативните индустрии. Во фокусот треба да бидат луѓето, заедниците, а не само уметниците. Јас верувам дека ова е суштината и на спогодбата која денеска ја потпишуваме. Не застануваме само кај уметниците, додаде Маргарити.
Српската министерка за култура, Маја Гојковиќ на Самитот истакна дека Отворен Балкан е регионална иницијатива која за кус период ја покажа својата вредност и ја потврди идејата која ја покренаа лидерите на државите.
Сега е вистинско време активно да се вклучи и културата како област која ги зближува поединиците но и општеството. Културата отсекогаш е најдобриот мост за разбирање на различностите. Затоа е од голема важност што од денеска и културата ќе даде храбар и препознатлив поттик на добрите односи на земјите кои даваат поддршка на оваа иницијатива, порача министерката.
Како што нагласи, соработката која денеска ја прошируваат е резултат на еден автентичен процес и доследна визија за подобар живот на народите на Балканот, со што се дава и придонес и кон европските интеграции, нешто што е од заеднички интерес на сите учесници.
OhridNews