Од утре во Охрид пристигнува реактивната мисија на УНЕСКО најави во денешното интервју за ТВ „Слободен печат“ министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Посочи дека мисијата која во Охрид ќе биде неколку дена ќе има за цел да ја утврди фактичката состојба на терен, ќе ги посети и сите засегнати институции, по што ќе донесе заклучоци по кои ќе треба државата да постапува.

Ова е добра прилика да најавам дека утре во Охрид пристигнува и реактивната мисија која што ни беше предвидена и како една задача кога во септември добивме извештај дека го задржуваме нашиот статус, Охридскиот регион дека останува на листата на заштитени добра на УНЕСКО меѓутоа следеа неколку чекори кои ние мораше да ги направиме. Првата беше да поднесеме нов ревидиран План за заштита на Охридскиот регион, што тоа ние го направивме. Второто беше да донесеме нови измени во Законот за заштитување и управување на Старото градско јадро на Охрид, и тоа го направивме и тоа е веќе во собраниска процедура, вели Костадиновска Стојчевска.

Точно е, вели, дека ова е сложен процес во кој не е само Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, вклучени се и општините и институциите кои се занимаваат не само од областа на заштита на културно наследство туку и од областа за заштита на животна средина.

И најголемиот проблем кој што беше наследен е тоа што првиот Закон за прогласување на охридското Старо градско јадро за заштитено е донесен во 2010 година, а комисијата која требаше да одлучува по однос на предмети кои го тангираат овој регион беше формирана во 2018-2019 година. Што значи дека тој вакум од 9 години беше навистина многу долг и во тој период се донесоа многу закони кои воопшто не се консултирани со законите кои што владеат во Охридскиот регион. Полека, полека тие закони ги усогласуваме што не е лесен процес но имаме некој напредок, посочи Костадиновска Стојчевска.

Потенцираше дека задржувањето на статусот во септември односно позитивниот извештај бил добиен бидејќи биле препознаени напорите, работата на Комисјата пред и се, работата на имплементирање на упатството како треба да се прават детални и генерални урбанистички планови, како треба да се изработуваат конзерваторски мислења и целата таа документација која треба да биде придружна во секој можен процес во овој регион.

За жал, наидовме на несоработка од општините во овој регион, Охрид и Струга. Оваа мисија која доаѓа ќе ги посети двете општини  и самите општини ќе мора тоа што нас долго време ни го даваат или не ни го даваат како информација да го приложат пред мисијата. И тоа што е добро зошто ваквите мисии и ние како држава многу пати сме ги поканиле е затоа што ќе биде видливо тоа што е на терен и ниту една од засегнатите страни во поднесување на тој годишен извештај што го правиме нема да може да избегне било што, додаде Костадиновска Стојчевска во интервју за ТВ „Слободен печат“.

Извештајот од Мисијата кога ќе биде изработен, истакна Костадиновска Стојчевска се враќа во државата на Националната комисијата на УНЕСКО каде таа е претседател и понатаму повторно сите засегнати страни се задолжуваат во одреден период да постапат по истиот.

Н.С.Ј.

извор. ТВ „Слободен печат“