Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска обвинува дека ВМРО – ДПМНЕ ја манипулира јавноста во однос на исплатата на средства за Вевчанскиот карневал.

За оваа година (2023) организиторите на Вевчанскиот карневал ја поднеле својата документација во ноември 2022 година, за настан кој се одржа пред неколу денови, а во Министерството за култура во моментов работат комисиите кои одлучуваат по пријавите и имаат законски рок резултатите да ги објават до 45 дена од донесувањето на Буџетот. Оттаму не може да стане збор дека Министерството за култура не ја поддржало оваа манифестација, а уште помалку за игнорантски однос, реагира министерката Костадиновска-Стојчевска на денешното соопштение на ВМРО – ДПМНЕ.

Според неа, Вевчанскиот карневал пред пандемијата, во 2019 и во 2020 година, од Министерството за култура бил поддржан со по 1.100.000 денари.

Најмалку ВМРО – ДПМНЕ може да се повикува на морални вредности и да бара извинување од кого и да е. За потсетување, тие не се организатори на Вевчанскиот карневал. Тоа време, невреме во кое културата им беше партиски заложник, заврши, посочи министерката Костадиновска-Стојчевска.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски при присуството на Карневалот забележа дека годинашното карневалско издание се одржува без поддршка од Министерството за култура.

Ова е прва година кога Министерството за култура за жал обезбеди дури нула денари за одржување на оваа традиционална манифестација. Градоначалникот и Општината покажуваат вонсериски напори да се справат со предизвиците, кои не само што ги носат економската и енергетската криза, туку и власта во Македонија, односно Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, изјави Мицкоски пред почетокот на дефилето.

OhridNews