На почетокот од мај оваа година охриѓанецот Коста Митрески ja започна својата несекојдневна авантура – целомесечна велосипедска тура низ европскиот континент. Ако Филеас Фог од култниот роман „Пат околу светот за 80 дена“ на Жил Верн ја обиколи Земјата за точно 80 дена, поради прифатен џентлменски облог, Коста реши да се обложи со себеси, односно да се предизвика и да го исполни сонот од детството. На оваа авантура тој испедали преку 3.100 километри, возеше низ 12 европски држави, во просек над 100 километри на ден, „товарен како брод“, како што вели и самиот, со опрема тешка 40 килограми.

Го прашавме која беше идејата и причината за тоа, и што успеа да види во 30 дена на велосипед низ некои од најпознатите европски дестинации.

Од каде идејата и која беше причината за твојата тура низ Европа на велосипед?

Идејата за вакво патување е вмрежена во мене уште од тинејџерските денови кога активно учествував на МТВ натпревари, а велосипедизмот ми стана една голема љубов која до денес непрестајно си ја негувам. Ако добро се сеќавам, првата идеја уште пред дванаесетина години ми беше патување со велосипед низ цела Италија, каде би се вратиле со брод до Албанија и назад во нашиот роден крај. Знаете како викаат: „не можеш да убиеш идеја“. Таа си тлее длабоко во нашата потсвест и чека момент на будење и акција за истата да оживее во реалноста. Уште од мали нозе бев човек склон на предизвици, а со тоа ја разгорував и мојата љубопитност која ме однесе по разни патишта и искуства низ животот. Поблиските пријатели кои ме знаат можат подобро да потврдат дека не постои момент кога би одбил било каква активност, доколку сум слободен за истата. Длабоко во себе бев убеден дека еден ден ќе дојде времето и местото за реализација на ова мое патување, кое низ светот е познато како bike-packing. Што се однесува до причината за тура со велосипед низ Европа, би кажал неколку работи: Покрај силната желба од младоста за патувања од ваков тип, следен најважен предизвик е мојата склоност кон предизвици, а верувајте ова е страшен психо-физички предизвик, особено патувањето соло, без партнер со кого би ги делел и убавите, но и тешките моменти. Причината лежи во тоа што во овој период ми излезе прилика да имам повеќе слободни денови, пред 6 месеци имав операција на колено, со годините се здобив со уште неколку надоврзани повреди кои ќе ме следат низ животот, додека од друга страна сите кои ме знаат ми викаат дека сум челичен човек. Па си реков себеси, ајде да се тестирам дали сè уште е таа теза валидна. Верувајте, ова патување ми приреди повеќе психички предизвици, отколку физички, кои вклучуваа возење над 100 километри дневно со велосипед кој заедно со торбите и опремата тежи 40 килограми. Си реков, кога ако не сега! Отсекогаш сум ги мотивирал моите пријатели пред да сме излезеле на некоја спортска активност со зборовите „Ајде, ајде!“ Најтешко е додека човек излезе од врата, после тоа, успехот е неизбежен!

Колку време ти требаше за самата подготовка?

Јас подготовката би ја поделил на три дела: физичка, психичка и техничка подготовка. Во однос на физичката подготовка, немав некои потешкотии. Цело време сум активен на различни полиња. Ако не е велосипед, тогаш е планинарење, кошарка, фудбал, трчање и секој друг спорт за кој сум имал прилика. Цел живот другарувам со велосипедот, така да мускулната меморија и мојата физичка подготвеност не беа во фокусот, иако ова е прво мое патување од ваков тип, 30 дена, секој ден по 100+ километри, „товарен како брод“ не знаејќи што те чека на другата страна и под кое дрво ќе ја преспиеш ноќта, со единствено грејно тело – топлината од месечината. Тука би ја надоврзал психичката подготовка, која искрено не ми требаше многу. Едноставно, се решив да одам и почнав да се подготвувам и организирам. Мислам дека најголем придонес во „сетирање“ на мозокот и психичко спремање за ваков голем чекор беше поддршката од страна на моите пријатели и семејството, се разбира. Тоа ми помогна да се справам со сите недоумици и стравови. Секакви мисли ми се вртеа низ мозоков, ама си реков себеси: Коста, сега нема назад! И од тој момент, па се до отпочнувањето на патувањето и низ текот на патувањето, немаше простор за чекор назад. Само напред. Нов ден, нов предизвик, нови искуства, нови тешкотии, но и нови убавини! Им благодарам на сите пријатели кои на најразлични начини ми помогнаа за остварување на ова мое патување. И за крај, техничката подготовка. Тоа не траеше многу долго. Мислам дека 2-3 недели подготовка, велосипед, опрема, план и стратегија за која истата ќе беше невозможна без помошта од моите пријатели. Скоро сè што понесов со мене е позајмено. Велосипедот e „дониран“ од еден другар, тркалата се од друг, некои делови од трета, кацигата и очилата од четврт и така натаму…

Кои земји и градови успеа да ги посетиш во овие месец дена?

Поради временското ограничување и специфичната рута, не можев да ги поминам сите европски земји, но верувам дека го поминав поубавиот дел од нив. Моето патување почна од Барселона, Шпанија. Односно, самото патување почна од Тирана, соседна Албанија од каде што со авион се упатив према Барселона. Тоа значи дека поминав низ Албанија, па оттаму почнав со Шпанија, Франција, Италија, Швајцарија, Австрија, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија и Србија. Тоа би биле вкупно 11 држави кои го одбележуваат моето патување. И на крај стигнав и во 12-тата држава. Најважната. Мојата татковина, Македонија. После сите овие денови искуства, километри, педалирање, непреспиени ноќи под отворено небо, чувството на вдишување на македонскиот воздух е непроценливо за мене. Можеби на некои места и загаден, но сепак наш и единствен. Домот е она нешто кое секогаш ми го враќало спокојот во душата. Во однос на местата и градовите, поминав низ бројни и небројни населби, села и градови. Поминав низ прекрасни планини, долини, реки, езера, плажи и градби. Стотици, ако почнеме да ги броиме. Генерално, на дневно ниво водев белешки кај сум поминал и колку километри сум извозил тој ден. Како попознати градови ќе ги издвојам: Барселона, Жирона, Бомпас, Перпињан, Безие, Монпеље, Арл, Мартиг, Марсеј, Тулон, Сен Тропе, Сен Рафаел, Кан, Ница, Монако, Антиб, Ментон, Сан Ремо, Сан Стефано ал Маре, Сан Бартоломео ал Маре, Џенова, Милано, Берн, Луцерн, Цирих, Брегенц, Меминген, Минхен, Регенсбург, Пилсен, Прага, Брно, Братислава, Сомбор, Нови Сад, Белград, Ниш, Врање и за крај, нашето Скопје. Ова се само дел од попознатите градови, се разбира. Поради ограничените денови кои ги имав, не бев во можност турата да ја завршам во родниот Охрид. Сè на сè, поминав над 4.000 километри, од кои 3.100 километри педалирање, во 30 дена – еден месец низ Европа на велосипед.

Што успеа да забележиш за време на патувањето, кои работи ти оставија најголем впечаток?

Кога возиш по стотина километри во денот во еден правец, опкружен си со секакви глетки и чувства кои постојано се надополнуваат со секој извозан километар. Забележав премногу работи. Многу повеќе отколку што можам да набројам. Видов мака, криза, пот, изнемоштеност, страв и осаменост, видов непредвидливост и многу несигурност. Ама исто така видов и среќа, исполнетост, гордост, храброст и спокој. Видов сонце, вода и мирис на утринско изгрејсонце, видов плажи и уживање, ама исто така видов и дожд и ветер. Оваа комбинација придонесе да уживам во секој здив од ова мое патување. Но има уште работи кои ги забележав. Видов прекрасна природа, планини што ти го одземаат здивот, видов реки и езера сини како очите наши пелистерски, видов долини и ридови, села и градови чисти и чувани од нивното население, видов дрвја и цвеќа пафемирани од месец мај кои ги чувствував низ целото мое патување. Видов средени улици, знаци на секој премин, дури и знаци кои кажуваат дека во следниот дел има недостаток на знаци. Видов зрелост, одговорност, еднаквост, вистински соживот, почит… Сретнав многу работи по кои ние Македонците копнееме и постојано ги спомнуваме, ама никако да се погазиме и да почнеме да се однесуваме како такви. Дури учествував и на протест од алжирското малцинство во Марсеј. Видов луѓе избегани од дома, ама и луѓе избркани од нивната дома. Видов најадени, ама видов и гладни. Сретнав луѓе исполнети, но и осамени луѓе, во својата шеста деценија од животот завршени во четири ѕида, секојдневно прашувајќи се како како им летна животот како сенка во ноќта и ги остави сами на себе. Видов како е да поминуваш и циркулираш низ држави каде законите слепо се почитуваат и важат за секого. Видов како е да се чувствуваш еднаков помеѓу еднаквите. Видов професионализам, видов луѓе кои се работливи, од најмладо до најстаро, без исклучок. Видов како секој сантиметар квадратен е посеан и земјоделието е приоритет на секоја развиена држава, верувале или не! Видов државни знамиња на секој чекор и луѓе кои се гордеат со својата држава и секојдневно на индивидуално ниво придонесуваат кон нејзиниот развој. Но има и работи кои не ги видов. Не видов дволичност, негативна селекција, ниту пак непочитување на туѓото мислење и гледиште. Не видов луѓе полни со омраза, не видов намерно уништување на системот, не видов ѓубре расеано насекаде, како полен во пролет… Не видов необележани патишта и скитници по улици, не видов локални шерифи кои им пркосат на законите и го загрозуваат животот на другите. Не видов влегување преку ред, не видов дрско однесување кон келнер, продавач, повозрасен, не видов нетрпеливост, ниту пак видов луѓе кои само нешто брзаат, небаре светот ќе пропадне ако тие не се протнат први! Не видов нерешлив системски или инфраструктурен проблем. Верувајте, многу не видов. Сите овие наброени работи нè делат од таа Европа и верувајте, не сум експерт, но од мое видување: не е во прашање богатството на државата туку начинот на размислување и нивното високо ниво на граѓанска свест и одговорност. Само толку малку или само толку многу сме далеку од таа наша Европа.

За крај, каква порака би сакал да пратиш преку ова твое лично патување до младите и луѓето и во Македонија?

Хмм, па кој сум јас да давам пораки на луѓето. Но ете, се сетив на еден интересен факт од нашата младост. Ако малку се потсетиме на филмовите од 90-тите, ќе ви текне дека оние наши омилени ликови од секој филм се во суштина личности кои се одметници, оние кои храбро му се противат на животот и кои биле насекаде низ дотогаш познатиот свет. Јас би им порачал на сите млади и на сите наши сограѓани да ги пробудат сите нивни заспани и неостварени идеи, кои верувам, длабоко во нив сè уште тлеат и чекаат да бидат повторно разгорени и ставени во план и акција. Не чекајте да се случи нешто, за да се случи нешто друго, па трето, па можеби тогаш животот ќе ви биде подобар и ќе бидете посреќни. Напротив, земете го кормилото и бидете главниот актер во Вашиот живот, бидете оној омилен лик во детските серии. Сега и одма! Спротивставете му се на секој страв, на секоја несигурност и излезете надвор од вашата комфорна зона, оти тоа е единствениот начин за позитивна промена! Извадете ги старите темперни бои и блок број 5, извадете го вашиот запрашен инструмент или спортски реквизит и вратете се кон пасијата, кон уметноста, музиката, спортот или кон било која друга активност која ве прави повторно да се чувствувате живи, да го чувствувате огнот во себе! Предизвикувајте се на секој можен начин и уживајте во непроценливите моменти кои не се поврзани со времето и можностите, туку со желбата и љубовта кон истите! Предизвикувјте се физички и психички, бидете новите челични луѓе! Надминете се, ама не со измислени достигнувања, туку со вистинска љубов кон нештата! Поврзете се со природата. Сакајте ја. Чувајте ја. Почувствувајте ја и уживајте ја во секој здив, ветер, сонце, дожд, мирис, вода, зајдисонце и месечина.

Павел Донески