Владата на Косово синоќа донесе одлука да го одложи за еден месец спроведувањето на реципроцитетот кон Србија во однос на личните документи и на одлуката за замена на српските со косовски регистерски таблички, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одлуката е донесена по синоќешната средба на косовските челници со амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер, кој им го изнел барањето на Вашингтон за одлагање на спроведувањето на реципроцитетот за еден месец.
Во соопштението на владината служба за информирање се вели дека „Владата остро го осудува блокирањето на патиштата во северно Косово и пукотниците од тамошните вооружени припадници на нелегалните структури“, за што ги обвинува властите во Србија.
Се работи за тенденција за дестбилизација на Косово и загрозување на мирот и безбедноста на нашите граѓани и нашата држава. Бројни агресивни акти се случија денеска (в недела) попладне и навечер, поттикнати од официјален Белград, се вели во владиното соопштение.
Косовскиот премиер, Албин Курти, заедно со претседателката на државата, Вјоса Османи и со вицепремиерите Бесник Бислими (задолжен за евроинтеграции и за дијалогот со Србија) и Доника Грвала (воедно министерка за надворешни работи), по синоќешната средба со Ховениер и со други меѓународни претставници, се обврзале да го одложат спроведувањето на двете одлуки до 1 септември.
Одлуката за одложување на реципроцитетот, се вели во владиното соопштение, ќе почне да се спроведува „од моментот кога ќе се отстранат сите блокади и ќе се овозможи слободно движење низ сите патишта во северно Косово“.
Косовската влада им се заблагодари на сите меѓународни партнери, посебно на амбасадорот Ховениер, за нивното залагање и придонес за решвање на настанатата ситуација.
Според одлуката што владата на Курти ја донесе во јуни годинава, од денеска граѓаните на Србија кои влегуваат во Косово требаше да бидат снабдувани со влезно-излезна лиценца на сите гранични премини, како што тоа повеќе од десет години се прави со косовските граѓани кои влегуваат во Србија.
Исто така, од денеска требаше да започне обврската за промена на српските регистерски таблички за косовските возила означени со КМ (Косово и Метохија), со косовски регистерски таблички со ознаката РКС (Република Косово).
Спроведувањето на овие одлуки е одложено по вчерашните протести, со блокади на патиштата и пукотници, во северниот дел на Косово, каде што живеат мнозинството етнички Срби.
OhridNews