САД денеска службено го признаа Косово како суверена и независна држава. „На народот на Косово му честитаме на овој историски настан“ се вели во изјавата на државниот секретар Кондолиза Рајс. Исто така се најавува воспоставување на дипломатски односи меѓу САД и Косово.
„Претседателот Џорџ Буш позитивно одговори на барањето на Косово за воспоставување на дипломатски односи меѓу нашите две земји. Воспоставувањето на тие односи ќе ги реафирмира посебните пријателски врски помеѓу народите на САД и Косово“ се наведува во соопштението.
Албанија исто така службено го призна Косово како независна држава, изјави албанскиот премиер Сали Бериша.
„Владата ќе се состане во вторник за да донесе одлука за воспоставување на дипломатски односи на амбасадорско ниво“ прецизирал Бериша.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ усогласиле во Брисел заеднички текст за Косово во кој се кажува дека секоја земја на ЕУ ќе одлучи согласно својата национална пракса и меѓународното право за признавањето на независноста, а веднаш после тоа четирите најголеми членки објавија дека тоа ќе го направат веднаш или многу брзо.
Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер прв објави дека вечерва неговата земја ќе ја признае независноста на Косово, најавувајќи дека претседателот Николас Саркози ќе му испрати писмо на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Милибенд рече дека неговата влада решила вечерва да го признае Косово, додавајќи дека верува дека барем половината од земјите членки ќе ја признаат независноста на Косово во текот на оваа недела.
Германија и Австрија најавија дека ќе го признаат Косово во среда. Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт изјави дека „големо мнозинство“ земји членки ќе ја признаат независноста на Косово во текот на овој или следниот месец.Шпанскиот министер за надворешни работи Мигуел Анхел Моратинос потврди дека Мадрид нема да го признае Косово затоа што за тоа нема правен основ. „Нашето гледиште е јасно, нема да признаеме еднострано прогласување“.
Јасминка Т. Момироска