Со 62 гласа ЗА и еден воздржан, косовскиот парламент вечерва ја избра новата влада, предводена од лидерот на „Алијасна за иднината на Косово“, Рамуш Харадинај.
Владата ја поддржаа партијата на Харадинај, Демократската партија на Кадри Весели, Иницијативата за Косово на Фатмир Лимај, Алијансата за Ново Косово на Беџет Пацоли, пратеничката група на Србите и онаа на немнозинските етнички заедници.
Пред гласањето собраниската сала ја напуштија пратениците на движењето „Самоопределување“ и Демократскиот сојуз. Во своето обраќање Харадинај ги презентираше приоритетите на Владата, кои опфаќаат зајакнување на редот и законот, членство во НАТО, евроинтеграцијата и дијалогот со Србија.
Тој вети дека ќе биде премиер на сите, вклучувајќи ги и малцинствата на кои им се обрати на српски јазик.