На Косово од утрото расте напнатоста откако локални Албанци во местото Мушутиште со протест спречија група косовски Срби да присуствуваат на процесијата во локалната православна црква на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, а медиумите јавуваат за судири меѓу демонстрантите и косовската полиција.

Извикувајќи УЧК, Албанците ги спречиле Србите повратници кои со три автобуса тргнале на одбележувањето на празникот во инаку урнатата од Албанците православна црква „Богородица Одигитрија“ од XVIII во Мушутиште.

Косовската полиција, како што јавуваат белградските медиуми, од безбедносни причини ги запрела автобусите и започнала да ги спроведува демонстрантите кои извикуваат пароли против враќањето на прогонетите и раселени Срби од поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија.

Учесниците на протестот од утрото повеќепати го пробиле полицискиот кордон, а во текот на судирите повредени се повеќе демонстранти и полицајци опремени за разбивање демонстрации. Според извештаите од Косово, демонстрантите го деблокирале преминот, но се распоредиле крај патот, подготвувајќи купишта камења со кои ја гаѓаат полицијата.

Министерот за заедници и враќање во косовската влада Далибор Јефтиќ најави неодамна обновување на првите десет куќи за Србите повратници во Мушутиште кои во 1999 година по српско-албанските судири и бомбардирање на НАТО врз Србија беа принудени да ги напуштат своите домови.

Јефтиќ, кој во неделата е заедно со групата Срби блокирани пред Мушутиште, вели дека со протестот и насилството „им е испратена пораката на Србите дека не се добредојдени“ на своите имоти.

Директорот на Бирото за Косово и Метохија во владата на Србија, Марко Ѓуриќ, оцени дека „денешниот излив на екстремизам и нескриена омраза кон српскиот народ во Мушутиште сведочи колку безбедносната ситуација на Косово и Метохија е запалива“.

Ѓуриќ, како што пренесе Радио-телевизија Србија, изјавил дека„многубројни припадници на албанската политичка елите се најгласните идеолози на омразата и екстремизмот на Косово“.

Припадниците на специјалната косовска полицијата, по судирот од утрото со демонстрантите, ослободиле дел од патот и преминот кон црквата „Богородица Одигитрија“, каде треба да мине колоната со Србите, но според последните информации од теренот, ситуацијата и натаму е тензична.

OhridNews
извор: „Макфакс“