СВР Охрид поднесе кривична пријава против 58-жител на Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба на дрзок начин“. Од страна на судија на претходна постапка, нему му е изречена мерка притвор и спроведен е во Казнено поправната установа Затвор-Охрид.

На 19.04.2021 на градскиот пазар во Охрид, пријавениот искористил прилика и на жител на Охрид му одзел паричник, мобилен телефон и лични документи. – соопшти СВР Охрид.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против две лица од Штип и Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.

Пријавените, во текот на ноември и декември 2020 година, додека издржувале казна затвор во Казнено поправната установа Затвор-Штип, оствариле контакт со жител од Охрид и доведувајќи го во заблуда ги обезбедиле неговите лични податоци и документи. Подоцна, со тие податоци подигнале брзи кредити од неколку финансиски друштва, а примопредавањето на парите го вршеле преку посредник. На овој начин, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од 100.000 денари. – информира СВР Охрид.

На 19.04.2021 година во СВР Охрид, 53 годишен жител од Охрид пријави измама сторена на 01.03.2021 на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според пријавеното, преку порака што ја добил од друг ФБ профил, бил известен дека е добитник на наследство, поради што треба да стапи во контакт со адвокат од Франција. Притоа добил информација дека како примател на наследството треба да уплати парични средства за да истото, му биде префрлено на неговата трансакциска сметка. Тој, во неколку наврати лично уплатил вкупно 3730 евра како и 800 евра што ги уплатил негов пријател. Се преземаат мерки за расчистување на настанот. – соопшти полицијата.

OhridNews