Поголем број возила на косовската полиција, на Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС, и на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, се движат на раскрсницата на селото Бањска, каде што во неделата, на 24 септември, се случи оружан инцидент, во кој загина еден косовски полицаец и најмалку тројца од групата од над 30 вооружени и маскирани напаѓачи, јави агенцијата КосоваПрес од местото на случување.
Според дописникот на КП, некои од возилата се враќаат кон тамошниот православен манастир, додека други продолжуваат кон граничниот премин со Србија, Јариње.
Поголем број полицајци, како што пренесува МИА, од вчера се забележуваат долж целиот автопат Звечан – Лепосавиќ – Јариње во северно Косово.
Исто така, хеликоптер на КФОР од време на време ја надгледува состојбата од воздух во тоа подрачје.
Извори на КП информираат дека во околината на манастирот полицијата идентификувала уште едно возило во кое постои сомневање дека има оружје.
Ситуацијата во тој дел на државата во моментов е мирна, јавува косовската агенција.
OhridNews
фото. МИА/КосоваПрес