Инцидентот што се случи во понеделникот при посетата на министерот за здравство, Имер Селмани, на специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, при што обезбедувањето интервенираше на обидот на Љупчо Пирганоски кој настојчиво сакаше да го праша нешто министерот, зборува дека беше време некој соодветно да реагира на агресивноста на Љупчо Пирганоски, бидејќи лекарите од болницата секојдневно се изложени на навреди па дури и закани по живот од негова страна.
Ова на прес конференција го истакна раководството на болницата кое денеска побара државата да помогне во решавањето на случајот Пирганоски. “Она што се случи на очиглед на сите, нас ни се случува секојдневно, а единствено што беше неочекувано да некој конечно соодветно реагира на агресивноста на Пирганоски“, рече д-р Драган Спасески Охридски.
Докторите Богоевски (лево) и Тилевски
Според директорот д-р Митко Тилевски “единствена жртва во случајот е младиот Јане“. Лекарите истакнуваат дсека 21 годишниот Јане кој три години е во кома за жал е во состојба за која мединската наука нема најдено излез. Според нив во светот не постои клиника која може да излекува Јане, бидејќи како што беше истакнато никој до сега не успеал да ги врати изумрените клетки настанати при повредата.
Според лекартите најдобро е Јане да биде згрижен во домашни услови, за што родителите биле и обучени, бидејќи како што беше истакнато така постојат евентуално можности да проработат преостанатите мозочни клетки.
„единствена жртва во случајот“ – Јане Пирганоски
Родителите одбиваат да ја напуштат болницата иако со одлука на лекарскиот колегиум нивниот син е отпишан од Коснозглобна на 10 јануари оваа година. Тие обвинуваат дека нивниот син несоодветно се лекува и дека некој сакал да го еутанизира, што според лекарите е една голема невистина. Родителите обвинуваат дека лекарите и државата не сакаат да го пратат Јане на лекување во соодветна светска клиника и најавија дека доколку тоа не се случи, а бидат отстранети од болницата, ќе го остават Јане пред зградата на Парламентот во Скопје. “Јане дома не го носиме и нека не лажат дека нема клиника во светот која не може да помогне“ ни рече мајката на Јане, Валентина Пирганоска.
Лекарите од Коснозглобна изразуваат жалење за состојбата во која се наоѓа Јане, но сметаат дека мора да се најде излез од ваквата ситуација, бидејќи како што беше речено тие немаат контрола врз собата каде е сместено семејството Пирганоски и не знаат што се случува таму.
Досега вкупните трошоци за лекување и рехабилитација на семјеството Пирганоски надминуваат 1,6 милиони денари кои се на товар на Фондот за здравство, додека родителите плаќаат само годишна партиципација од 6000 денари велат од болницата.
Раководството смета дека инцидентот ја засенил посетата на министорот на болницата при што се разговарало за мошне значајни теми како што се згрижувањето на персоналот од специјалната детска болница и за развојот на Коснозглобна во референтен регионален центар. Раководството на болницата информираше дека било побарано од министерството за здравство да помогне во решавањето на случајот со Јане Пирганоски и не ја исклучија можноста, ако биде потребно, да побараат и полициска асистенција за да се стави крај на овој случај.
Г. Момироски
фото: С. Костоски