Објектот „Космос“, чиј инвеститор е фирмата на пратеникот Фијат Цаноски, трајно е онеспособен за секакво понатамошно користење или евентуална доградба, по превземените активности од страна на извршителите.

Вакво тврдење изнел Градежниот факултет по детален преглед од страна на стручни лица, откако општина Гази Баба побарала експертско мислење, пренесува агенцијата „Макфакс“.

Истовремено општина Гази Баба ја известува јавноста дека позитивно одговорила на барањето на фирмата „Фине “да и биде дозволено сама да го изврши отстранувањето на градбата, во дополнителен временски период.

„Општина Гази Баба со цел да излезе во пресрет на инвеститорот Фине да го доизврши уривањето, на според нив, поекономичен начин, привремено го прекинува присилното административно извршување на Решението за отстранување на градбата и на фирмата Фине и дава рок од 60 дена за отстранување на истата“, се вели во соопштението.

Притоа се потенцира дека доколку инвеститорот не постапи по ова Решение, општината ќе продолжи со присилното административно извршување за отстранување на градбата.

Општината вчера имала неуспешен обид да го достави Решението до инвеститорот, поради наводен колективен годишен одмор во претпријатието и согласно Законот истото ќе биде доставено со препорачана пратка.

Уривањето на „Космос“ започна на 1 август годинава, а Цаноски најави дека случајот ќе се води пред судовите.

Надлежните тврдат дека инвеститорот изградил 1,40 метри над дозволеното и дека Цаноски должи околу 370.000 евра за комуналии, кои планираат да ги наплатат со судски извршител преку трите земјишта што ги дал под хипотека инвеститорот.

Цаноски, пак, уверува дека исплатил околу 130.000 евра повеќе од договореното со Општината.

OhridNews
извор: „Макфакс“