Македонската јуниорска кошаркарска селекција не брилираше во првата фаза од Европското првенство (ЕП), Б-дивизија, за играчи до 18 години во Струмица, но, сепак, успеа да ја оствари целта, а тоа е пласман во втората фаза откако вечерва, по голема победа, ја победи Финска (68-62) во директната пресметка за второто место во групата А.


По четирите одиграни кола, жолто-црвените имаа скор 2-2, кој е идентичен со тој на Унгарија, но избраниците на селекторот Мирза Куртовиќ одат понатаму поради победата во меѓусебната пресметка на отворањето на шампионатот.

Јуниорите исклучително тешко го скршија отпорот на незгодните фински кошаркари и тоа во последната четвртина во која беше обезбедена клучната резултатска предност. Финците беа доминатни во рекетот, постигнаа речиси половина од поените од под нашиот кош, а има и дури 11 скокови повеќе (48-37). Но, на македонските кошаркари, конечно, им проработи шутот за три поени постигнувајќи десет тројки од кои дури четири во четвртиот период за разлика од противникот, кој има ужасни 6/35 од оваа позиција.

Андреј Магдевски со 23 поени и пет скока беше централната фигура во составот на Куртовиќ, а за одбелеување е и играта на Кристијан Николов (16 поени), Даниел Начевски (11 поени), Дарио Митров (девет поени) како и на Љубомир Младеновски, кој постигна три поени, но оствари и девет скока.

Македонија натпреварите на ЕП ги продолжува во групата Е заедно со лидерот од нашата група, Полска како и со Естонија и со Холандија, кои беа најдобри во групата Б. Утре е ден за одмор на струмичкиот шампионат, а задутре жолто-црвените ќе ги одмерат силите со естонските кошаркари (21 часот). Јуниорите во новоформираната група влегуваат без бодови исто како и Холанѓаните додека останатите две селекции имаат по два бода со што почнуваат како фаворити во битката за едно од првеите две еста во групата кои водат во полуфиналето, а со тоа и шанса да се биде една од трите селеции што ќе обезбедат виза за А-дивизијата.

„Мкд.мк“