Кошаркарскиот клуб АВ Охрид изминатиов викенд со помош од Општина Охрид успешно организираше M14 турнир, чии мечеви се одиграа во спортската сала од Основното училиште „Григор Прличев“. На турнирот учествуваа КК АВ Охрид, КК Црн Дрим, КК Работнички и специјалните гости Кошаркарската школа Дражен Петровиќ од Шибеник, Хрватска.
Титулата од младинскиот турнир остана во Охрид, откако избраниците на Тони Стојаноски со четири победи во исто толку натпревари стигнаа до трофејот. Сепак, исходот беше ставен во втор план, бидејќи дружењето на кошаркарите од четирите екипи и бодрењето една на друга екипа беше уживање да се гледа.
– Ова е само почеток на традиција која ќе ја негуваме и следните години. Од обична идеја дојдовме до реализација без никакви притисоци или нешто друго. Сакавме да го осетиме пулсот, а тој е навистина голем кога се однесува за турнири и спортски настани во младинските категории. Од име на клубот сакам да му се заблагодарам на Општина Охрид, О.У. „Григор Прличев“ и сите кои активно учествуваа во организирањето на турнирот. – рече спортскиот директор Марјан Бошале.
Сите кошаркари и дел од стручниот штаб на екипата од Шибеник прв пат беа во Охрид, а ветија учество и следната година и годините кои доаѓаат. Во знак на благодарност делегацијата од Шибеник на градоначалникот Јован Стојаноски му подари дрес од кошаркарската школа Дражен Петровиќ.
– Фасцинирани сме од градот, луѓето, вработените во Општина Охрид и од клубот АВ Охрид кој ни овозможија домашна атмосфера. Целта ни беше дечињата од нашата школа која го носи името на легендарниот кошаркар Дражен Петровиќ да ги запознаеме со дечиња од Охрид, Струга и Скопје и да стекнат нови пријателства. – изјавија од хрватска кошаркарска школа.
Да биде се во знакот на охридската екипа се погрижија Петар Бошалески кој се закити со наградата најдобар стрелец и Антонио Кузманоски кој го доби признанието за најдобар играч.
Тренерот Тони Стојаноски со трофејот за освоено прво место.
Петар Бошалески со награда за најдобар стрелец.
OhridNews