Македонските кошаркарски репрезентативци не беа миленици на среќата на денешната ждрепка во Минхен, со која беа одредени квалификациските групи за пласман на Европското првенство во 2021 година.
Македонија, во квалификациите ќе игра во Б-групата против Италија, Русија, Естонија. Италија и Русија се апсолутни фаворити во групата, што значи дека Македонија со Естонија ќе се бори за третото место во групата кое гарантира место на Евробаскетот.
Македонија немаше среќа бидејќи од последните два шешири, во кои беа сместени аутсајдерите, Естонците за сите беа најнепосакуван противник.
Словенија, шампионот од претходното првенство, во квалификациите ќе игра против Австрија, Унгарија и Украина, а вице-шампионите Србите ќе играат Грузија, Финска и квалификант (Швајцарија, Португалија, Исланд).
Исклучително интересна е Г-групата, која заедно со група во која е Македонија делува како најтешка во квалификациите. Три од четири репрезентации во Г-групата се учесници на Светското првенство во Кина (Германија, Франција, Црна Гора), а друштво ќе им прави и квалификант (Косово, Гибралтар, Луксембург).
Квалификациите за ЕП во 2021 година ќе се играат во три термини што ги одреди ФИБА, првиот е од 17 до 25 февруари 2020 година, вториот од 23 ноември до 1 декември 2020 година и третиот од 15 до 23 февруари 2021 година.
Во квалификациите учествуваат 32 репрезентации, тие се поделени во осум групи. Од секоја група по три репрезентации ќе изборат пласман на Европското првенство.
OhridNews