Клубовите кои партиципираат во македонската кошаркарска лига пуштија барање и одобрување до Кошаркарската федерација на Македонија за настап на неограничен број на странски играчи во тимот.

Играчите со македонско потекло кои настапуваат во националниот шампионат бурно реагираа и формираа Здружение на кошаркари.

– Категорично сме против драстичната мерка за зголемување на бројот на странци, која долгорочно ќе остави тешки и ненадоместливи последици за кошаркарскиот спорт. Барањето е спротивно со интересите не само на домашните кошаркари, туку и на иднината на кошарката во Македонија. Апелираме до клубовите, да имаат поголем сенс и да покажат визија со која уште повеќе ќе го унапредиме овој спорт кај нас. Од нив очекуваме да посветат многу поголемо внимание во продукцијата на млади кошаркари и давање простор и шанса за своите деца – изјавуваат од здружението, а пренесува „Спортмедиа“.

Од новоформираното здружение не се против ангажирање на странските кошаркари ако се квалитетни.

– Ние не сме против странците, напротив, особено ако станува збор за квалитетни играчи, кои не само што ќе го зголемат квалитетот на лигата, туку и покрај нив нашите млади кошаркари ќе имаат шанса да научат и да напредуваат. Можноста за неограничен настап на странски играчи, не само што комплетно ќе го затвори просторот за напредок на домашните играчи, туку ќе ја уништи и мотивацијата кај помладите да влезат во спортот, кој има извонредна тендеција на напредок и успеси во последниве години и е најмасовен кај нас. Ќе го искористиме нашето право согласно Статутот на МКФ, и ќе бараме со формирано Здружение на кошаркари да бидеме вклучени како фактор, со што институционално ќе ги презентираме нашите ставови и аргументи – дополнуваат кошаркарите во здружението.

Мх.П.