Кошаркарскиот клуб АВ Охрид ги запали моторите стартувајќи со подготовките за дебитанската сезона во кошаркарската елита во Македонија.
Охридскиот стратег Петар Чочорски подготовките ги започна со речиси истата екипа од минатата сезона и неколку интернационалци кои се на проба. На прозивката од минатата сезона недостасуваа центарот Михајло Арсоски, Никола Ристески и Никола Кузески додека Јован Николоски премина во стручниот штаб.
– Почнавме со подготовките пред сите екипи во Првата лига. И минатата сезона стартувавме вака релативно рано, но потоа во Втората лига се исплатеше бидејќи ние бевме физички надмоќни. Составот од минатата сезона претрпе некои мали измени, а ќе биде надоплнет со неколку нови имиња во зависнот од актите на КФМ околу одлуката за странците во екипите. Неколку интернационалци се на проба, а во најбрз можен рок заедно со управата ќе донесиме решение околу нивната иднина во клубот. – рече Чочороски.
„Галебите“ на почеток немаат крајна цел во Првата лига туку најавуваат борба на секој натпревар без разлика каде и со кого ќе играат.
– Мотивите пред почетокот на сезоната се големи, а само така може да се граби напред. Ќе одиме натпревар по натпревар и не поставуваме крајна цел од сега тоа ќе го направиме кога ќе започнат натпреварите. – додаде Чочороски.
Во подготвителниот период охридските кошаркари ќе одиграат неколку контролни натпревари, а не се исклучува можноста и за патување во странство.
Мх.П.