Кошаркарите на АВ Охрид по голема борба го положија оружјето во Струмица претрпувајќи пораз 74-68 (18-16, 20-20, 14-19, 22-13) во 4-та рунда од Првата машка лига.


Двете екипи одиграа тврд и неизвесен натпревар, а на крајот пресудија нијанси кои беа на страната од домашните кошаркари.

Првата четвртина по многу резултаски пресврти им припадна на кошаркарите од Струмица (18-16).

Играта на теренот не се промени ниту во вториот период во кој двете екипи постигнаа по 20 поени за (38-36) на полувреме.

„Галебите“, со серија од 9-0 на стартот од третиот квартал го презедоа водството и прв пат поведоа со седум поени (45-36). Домаќините, се консолидираа и до крајот на третиот период стигнаа до минус три (55-52).


„Кош за кош“ во решавачките десет минути се играше до истекот на осмата минута, кога Струмица поведе со плус шест (72-66).

Охридскиот стратег Петар Чочорски со константни измени и агресивна одбрана проба се, но домашните ја задржаа предноста и забележаа нова победа.

Во составот на Охрид двоцифрен број на поени имаа Донески (11), Ѓорѓевиќ (10), Василиќ (14), Милојевиќ (14) и Михајловски (13). Кај Струмица најмногу се истакна Зивчевиќ кој реализираше 21 поен.

Противник на „галебите“ во петтата рунда од Првата лига која ќе се одигра в сабота е лидерот на табелата, Работнички.

Мх.П.