Кошаркарите на АВ Охрид претрпеа пораз во третото коло од Првата лига. Вечерва во спортската сала Билјанини извори „галебите“ загубија од Куманово со 66:96.

Охриѓани беа рамноправен противник во првата четвртина која ја добија со 22:20, по што кумановчани ги презедоа работите во свои раце. Гостите ги добија преостанатите три четвртини 19:28, 13:18 и 12:30 за убедлив триумф.

Во редовите на КК АВ Охрид единствено расположен за игра беше центарот Милојко Василиќ кој уфрли 27 поени, но изостана поддршка од неговите соиграчи. Кај Куманово Мијатовиќ мечот го заврши со 21 поен, а репрезентативецот Костоски уфрли 20, од кои шест тројки.

Љубителите на кошарката средбата можеа да ја следат во живо на OhridNews.

По три одиграни кола избраниците на Петар Чочороски имаат скор од една победа и два порази. Триумф забележаа на домашен терен против Пелистер, а изгубија од Фени Индустри во Кавадарци и вечерва од Куманово во салата „Билјанини извори“. 

Во останатите средби од третото коло во Првата лига се среќаваат уште: Работнички – Вардар, Пелистер – Фени Индустри, Кожуф- Струмица.

OhridNews