-Ние подруми немаме затоа што сме блиску до реката, така што кога ќе надојде водата постои голема опасност од поплавување на куќите. Коритото на реката е тесно, а каналите за наводнување не се исчистени, па при вакви дождови, водата од реката нема каде да оди и предизвикува поплави. -вели Ристо Станоевски, жител на селото Орман.
Земјоделците објаснуваа дека реката Коселска секоја година предизвикувала вакви проблеми, но поради големите врнежи, сега била надојдена многу поголема вода и направила многу поголеми штети.
– Порано функционираше водна заедница, но таа не постои веќе две децении. Нашиот апел е конечно да се воспостави работна единица која ќе ги следи сотојбите со реките и да се реагира превентивно, затоа што кога ќе дојде до вакви поплави веќе е доцна за реакција. –изјави Ванчо Стојаноски, земјоделец од село Орман.
Преставниците на Општина Охрид, кои денес ги посетија поплавените во Орман, велат дека немаат ингеренции за речните корита и дека таа обврска е на државата.
-Состојбата како што може да се забележи е алармантна, од надојдените води причинети се штети и на земјоделските површини и на куќите во селото. Причините се очигледни, речните корита не се исчистени и истите се обраснати со вегетација, кој предизвикува пречки во нивното течение. Ние како општина и покрај тоа што немеме ингеренции за чистење на речните корита, превземаме активности со цел да се намалат штетите од ваквото невреме и од надојдените води. –изјави Димитрија Вревезоски, секретар на Општина Охрид.
Селото Орман беше поплавено и во месец декември, кога поради големите врнежи на снег, на неколку места беше регистрирано излевање на реката Коселска.