Корумпираноста на македонското судство е најматен настан за јануари, по што следи трошењето на европски пари од страна на првиот човек на Агенцијата за европски образовни програми.

Вака одлучија 17 уредници на електронските и печатените медиуми, кои учествуваа во анкетата Бистро – Матно на Новинската агенција Макфакс и на невладина организација „Транспарентност нулта корупција”.

Комисијата за правни прашања и човекови права при Парламентарното собрание на Советот на Европа изрази загриженост поради мислењето на граѓаните во Македонија дека судството е корумпирано, што резултираше со девет „матни“ гласа.

Осум гласа доби директорот на Агенцијата за европски образовни програми, кој трошел пари од европските фондови на невладини организации на негови роднини и пријатели, спротивно на законите.

Интерпелацијата за разрешување на Мирјана Димовска од местото претседател на Државната комисијата за спречување корупција е „најбистар“ настан во јануари, со освоени 13 гласа.

Четири „бистри“ гласа доби и стартот на електронското водење на судските предмети во државата, со што на граѓаните им се овозможува целосен увид до каде стигнал некој судски процес.

Месечната анкетата „Бистро-Матно” агенцијата Макфакс и „Транспарентност нулта корупција” ја организираат од 2004 година.

Во анкетата за јануари учествуваа главните уредници на телевизиите: А1, Алсат, Канал 5, Наша ТВ, Телма, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Лајм, Нова Македонија и Утрински весник, неделниците Глобус, Фокус, Форум и Капитал.

Ohridnews
извор: „Макфакс“