Пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19 не запира. Напротив, опасниот коронавирус забрзано се шири низ земјава, а исклучок не е ниту Охрид. Само денеска во градот се регистрирани нови 38 случаи позитивни на Ковид 19. Добра вест е што битката со опасната болест ја добиле 52 охриѓани.

Но, она што ги загрижува лекарите е бројот на хоспитализирани пациенти во ковид центарот во Општата болница во Охрид. Како што информира директорот на болницата, Д-р Горан Балевски, во моментов се хоспитрализирани 90 пациенти, што е речиси двојно повеќе во споредба со изминатиот викенд, кога тој број беше 50.

Состојбата е сериозна. Капацитетите на модуларната болница која во меѓувреме беше надградена со дополнителни осум контејнери, се речиси исполнети. Од 90 хоспитализирани, 50 се на кислородна поддршка, а во моментов има 20 слободни кревети. – изјави за OhridNews Д-р Балевски.

Бројот на пациенти постојано расте, укажува Балевски. Посочува дека болницата има разервни планови во случај на надминување на капацитетите на ковид центарот.

Во тој случај ќе бидат реорганизирани дел од другите болнички одделенија, а доколку бројот на заразени продолжи да расте, повторно ќе треба да се вклучат другите болници во градот. – вели Д-р Балевски.

Во земјава доминира таканаречаниот британски сој на коронавирусот, кој за прв пат беше детектиран кај нас токму кај пациент од Охрид. Во последните 24 часа се направени 3.627 тестирања, а регистрирани се 999 нови случаи со Ковид-19. Најмногу во Скопје – 539, а следат Прилеп и Битола – по 44, Куманово – 41,  Кавадарци – 34, Велес – 25, Гевгелија – 23, Тетово – 22, Неготино – 21, Кочани – 20, Крива Паланка – 19, Гостивар – 16, Штип – 15, Струга – 10, од Струмица, Кичево, Пробиштип, Валандово и Крушево – по 8, од Ресен и Делчево – по 7 лица, Берово – 6, Демир Капија – 5, по 4 лица од Свети Николе, Радовиш и Пехчево, од Демир Хисар и Виница – по 3, Кратово – 2, од Дебар, Богданци и Македонски Брод – по 1.

Во моментов во Охрид има 455 активни случаи со Ковид 19. Прилеп има речиси двојно повеќе – 805, а најмногу активни случаи се во Скопје – 5941. Во третиот бран од пандемијата со кој очигледно се соочува земјава, се поголем е бројот на случаи кај помладата популација. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 8 до 14 март процентот на позитивност се движи од 19,4 до 27,4 отсто, или во просек 23,9 отсто, идентично како минатата недела.

Растот на бројот заразени во Охрид, како и во останатите граови од земјата, освен на позаразната британска мутација, во голем дел се должи и на непочитувањето на здравствените мерки. На тоа укажуваат секојдневните соопштенија на СВР Охрид во чиј билтен и денеска доминираа прекршоците и пријавите за непочитување на здравствените мерки и протоколи.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 64-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 23.01.2021 година, полициски службеници извршиле контрола и констатирале дека пријавениот не се наоѓа во неговиот дом со што го прекршил решението за самоизолација издадено од Државниот здравствен и санитарен инспекторат со цел заштита од вирусот Ковид 19. – соопшти денеска СВР Охрид.

И додека пандемијата не запира, земјава и натаму е без вакцини против Ковид 19. Откако беа ветени во февруари, истите во поголем број сега се најавуваат до крајот на март. До сега пристигнаа само 8000 вакцини Фајзер помош од соседна Србија и околу 3000 од Русија од производителот Спутник V, со кои се вакцинираат здравствените работници.

За утре е закажан состанок на Комисијата за заразни болести, која ќе ја анализира актуелната здравствена ситуација, по што ќе се знае дали ќе бидат предложени дополнителни рестриктивни мерки.

Г. Момироски