Бројот на починати од коронавирусот во Италија, која е најголемо жариште во Европа, само во еден ден се зголеми за 475, со што црниот биланс во земјата се искачи на 3000, пренесува BBC. Најпогоден е регионот Ломбардија каде само во еден ден умреле 319 лица од вирусот Ковид 19. Во Италија има 35 713 заболени, а 4000 ја победиле болеста.

Ништо подобра не е состојбата ниту во Шпанија, каде денеска само до пладне биле евидентирани нови 600 смртни случаи, а ден претхоно уште речиси 500.

Од друга страна бројот на заболени во Кина продолжува да паѓа, а сличен тренд има и во Јужна Кореа.

До овој момент со коронавирусот во светот се заразени 208 421 лице, 8273 починале, а се опоравиле 82 902 луѓе ширум планетата.

Владата на Чешка денеска усвои нови превентивни мерки, а португалскиот парламент даде зелено светло за прогласување вонредна состојба.

Во соседството, Србија денеска воведе полициски час откако 1763 луѓе кои би требало да бидат во изолација не биле пронајдени дома. На лицата постари од 65 години им е забрането да излегуваат надвор во градовите, а во селските средина на жителите кои се со над 70 години. Навечер на улица ќе можат да излезат само оние луѓе кои работат трета смена. Во Србија регистрирани се 89 заболени од коронавирус. Исто толку заболени има и во Хрватска, најмногу во главниот град Загреб – 41.

Пандемијата сериозно ја погоди светската економија. Само во еден ден поради кризата предизвикана од корона вирусот во Австрија без работа останале 49 000 луѓе, од кои речиси половина се од хотелско – угостителскиот сектор.

Се стравува дека економските последици од актуелната криза ќе бидат далекусежни, а најлошите прогнози велат дека таа би можела да биде полоша и од светската рецесија во 2008 година.

Г.М.