Шансите за пренос на опасниот коронавирус Ковид 19 преку вода се речиси никакви, велат стручњаците, но и при рекреирање во води на отворено, како што е Охридското Езеро, задолжително треба да се придржуваме до мерките за заштита.

Коронавирусот во вода не може да опстои ни 10 секунди. Но вирусот може да се пренесе респираторно и затоа од исклучителна важност е да се одржува потребната дистанца од 2 метри и во вода, односно да се избегнува било каков близок контакт. – вели Сашо Точков, раководител на Центарот за јавно здравје Охрид.

За да се спречи можноста за зараза и ширење на коронавирусот, ќе мора да се ограничи капацитетот на капалиштата, но и да се зголеми контролата врз нив.

Концесионерите ќе добијат препораки да ја намалат површината на капалиштата и да го ограничат бројот на луѓе кои ќе можат да се рекреираат во вода и секако да ги контролираат капалиштата. – вели Точков.

Овие мерки ќе важат на места каде капалиштата се организирани, односно имаат концесионер. Но, што ќе биде со слободните плажи? Засега не е предвиден протокол за нив и останува на совеста на граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита.

Поради актуелната здравствена состојба оваа година најверојатно нема да се одржи курсот за спасители на вода на Охридското Езеро, што традиционално го реализира Црвениот крст – Охрид.

Г.М.