Повеќе од 360.000 луѓе во светот се заразени од коронавирусот Ковид 19, а над 16.000 починале, објави Светската здравствена организација.
И натаму најголемо жариште е Европа. Строги мерки на заштита најави и Британија. Премиерот Борис Џонсон вечерва oбјави дека се ограничува движењето на граѓаните, освен во исклучителни случаи. Се забранува групирање на повеќе од двајца луѓе, се затвораат сите „непотребни“ продавници, како и сали за вежбање, библиотеки, градинки, рече премиерот Џонсон, најавувајќи дека мерките ќе подлежат на ревизија.
Во Шпанија од коронавирус се заразиле близу 4000 здравствени работници, каде бројот на дијагностицирани случаи се искачи на речиси 34.000, објавија тамошните власти. Шпанското обвинителство, пак, покрена истрага откако во неколку домови за стари лица биле затекнати напуштени починати стари лица од коронавирус, некои од нив оставени со денови во кревет.
Во Италија втор ден по ред опаѓа бројот на починати и новозаразени од вирусот Ковид 19. Во понеделникот во земјата починале 602 лица, што е помалку од неделата кога починале 651 човек. И натаму земјата ја предводи црната листа на заразени во светот со 63.927 случаи и 6077 починати. Таму денеска од болница во Павија, беше пуштен 38 годишниот Матија, за кој се смета дека е нултиот пациент во Италија. По 18 дневна битка, тој го победи коронавирусот, од кој е најтешко погодена провинцијата Ломбардија.
Германија соопшти дека првиот тест на коронавирус направен на канцеларката Ангела Меркел бил негативен, но таа останува во изолација. Загриженост за нејзиното здравје се јави откако таа била во контакт со лекар кој бил заразен од коронавирус.
Според СЗО пандемијата на коронавирус забрзува. За првите 100.000 случаи беа потребни 67 дена, за вторите 100.000 само 11 дена, а потоа уште 4 дена за нови 100.000, предупреди челникот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус.
Пикот на пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид 19 во Македонија според здравствените власти во земјава, се очекува за околу еден месец.
OhridNews