Лице вработено во шалтерската служба при Основниот суд во Охрид е позитивно на коронавирус. Од судот ја потврдија информацијата, посочувајќи дека се чекаат резултати од тест за уште двајца вработени во истиот оддел. Посочениот оддел не е затворен, а Основниот суд во Охрид денеска работеше нормално.

Од Општата болница Охрид, пак, информираат за позитивен тест на коронавирус кај медицинска сестра во гинеколошкото одделение. Направени биле тестирања на уште 6 нејзини колеги, и сите се негативни. Нема позитивни ниту помеќу пациентите на одделението.

Од каде се заразила вработената од болницата велат дека не знаат, но информираат дека се преземаат сите мерки за заштита како на медицинскиот персонал и пациентите. Сите одделенија, вклучително и гинекологија редовно се дезинфицираат и нема застој во работата, додаваат од општата болница.

Со коронавирус се заразила и една медицинска сестра на детскиот диспанзер во Здравствениот дом во Струга, поради што изминатите денови овој оддел не работел. Според информациите таа се заразила од нејзиниот син.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Охрид отвори случај по допрен глас за кластерот „мекици“. Се прибираат информации за да се утврдат околностите под кои на семејна веселба се заразија повеќе жители на Охрид.

Г.М.