Андреас Лубиц, за кој истрагата се сомнева дека намерно го урнал авионот на компанијата “Germanwings'” на летот од Барселона до Дизелдорф, при што загинаа 149 патници и членови на екипажот, посетувал психијатар последните месеци. Пред шест години тој имал поголем психолошки проблем, односно „сериозна епизода на депресија“, пишува германски „Билд“.
Повикувајќи се на интерни документи на компанијата “Lufthansa”, чија сопственост е нискотарифната “Germanwings”, весникот открил дека копилотот година и половина одел на психилатриско лечење.
Медиумите во германија пишуваат дека пред страотниот чин, Андреас Лубиц раскинал со својата девојка со која бил верен и планирале свадба. Наводно таа го оставила.
„Имал голема криза во врската и можно е оваа трагедија да е резултат на таа криза“. – пишува „Билд“.
Овие тврдења на весникот доаѓаат непосредно откако полицијата извршила претрес на станот на копилотот, по што соопшти дека има сериозни докази кои фрлаат нова светлина на настанот кој го потресе светот, без притоа да бидат изнесени повеќе детали за какви докази станува збор.
Полицијата извршила увид и во куќата на неговите родители, а одзела и повеќе доказни материјали и компјутер кој му припаѓал на копилотот Андреас Лубиц. Неговиот татко е банкар, а мајка му музичар и свирела во локалната црква. Соседите за медиумите Андреас го опишале како „мирен, пристоен и добар дечко, прилично резервиран кон непознати“.
Весникот „Билд“ се осврнува и на последните моменти пред трагедијата на ербасот. Според весникот главниот пилот Патрик Сонденхејмер, кој излегол од кокпитот најверојатно да оди во WC, го молел и преколнувал копилотот да ја отвори кабината која ја заклучил. Откако тоа не вродило со плод тој се обидел со секира да ја скрши вратата од кокпитот, но не успеал, пишува „Билд“. Портпаролот на “Germanwings” не сакал да ја коментира оваа информација, но потврдил дека во авионот имало секира како дел од редовната опрема.
OhridNews