Минатото лето беше најтопло во Европа откако се води евиденција во 1979 година, соопшти Службата за климатски промени на ЕУ Коперникус. Целата 2022 година беше втората најтопла година, после 2020 година.

На многу места, топлотните бранови во комбинација со малку дожд и сува почва предизвикаа суши, што доведе до проблеми во земјоделството, речниот транспорт и енергетскиот сектор, се вели во последниот извештај на службата на ЕУ.

Покрај тоа, екстремната суша го зголеми ризикот од шумски пожари, поради што се проценува дека летоска се регистрирани највисоки емисии досега од пожари во Европската унија и во Британија.

Минатата година беше уште една година на климатски екстреми во Европа и на глобално ниво, изјави заменик-директорката на Коперникус, Саманта Бурџес.

За да се избегнат најлошите последици од кризата, емисиите мора итно да се намалат, а општеството мора да направи поголеми приспособувања на екстремните временски услови и настани поврзани со климата, рече Бурџес.

Службата на ЕУ проценува дека температурите во Европа пораснале повеќе од двојно од глобалниот просек во последните 30 години и оти Европа се загрева најмногу од кој било континент.

На глобално ниво, 2022 година беше петта најтопла година досега, а изминатите осум години беа најтопли досега.

Во просек, минатата година беше 0,3 степени Целзиусови потопла од референтниот период на Коперникус од 1991 до 2020 година, што претставува глобално затоплување од околу 1,2 степени во споредба со прединдустриската ера.

Меѓународната заедница има за цел да го запре глобалното затоплување на максимум 1,5 степени за да ги спречи најкатастрофалните последици од климатските промени, но моделите укажуваат на тоа дека светот ќе ја надмине таа цел во наредните години, пренесе ДПА.

OhridNews