Пожарот кој една седмица е активен на непристапен потег на планината “Галичица”, ги мобилизира институциите на локално и централно ниво. Градоначалникот, Константин Георгиески денеска, рано изутрина беше на терен заедно со претставници од НП “Галичица” и екипа од Територијалната противпожарна единица од Охрид.

Градоначалникот Георгиески уште на 30-ти август, кога пожарот беше пренесен на територија на Република Северна Македонија, испрати барање до Центарот за управување со кризи за ангажирање на летало и за спроведување на активности за гаснење од воздух.  Во пожарот е зафатен шумски потег на непристапен предел и во моментот нема опасност од проширување кон населени места. Засега не постои можност од делување на терен со човечки ресурс поради непристапност на теренот и опасноста од експлозии на неексплодирани гранати од Првата светска војна. Само утринава биле регистрирани 4 детонации. – информира локалната самоуправа.

Градоначалникот Георгиески е во постојана комуникација со надлежните во Центарот за управување и се разгледуваат можностите за безбедно дејствување и ставање на пожарот под контрола. Денеска попладне ќе биде свикан кризен штаб на Општина Охрид, со цел да се прецизираат сите мерки и активности кои ќе можат да се спроведат, се вели во соопштението.

Од она што можеше да се забележи утрово, пожарот на охридска страна опасно се симува од врвовите на Галичица кон подножјето и шумскиот појас над селото Љубаништа. Засега зафатена е само сува трева и ниска вегетација, а доколку огнот ја зафати шумата, тоа ќе значи дополнително гориво пожарот кој ќе добие на сила и интензитет.

Поради непристапниот терен и опасноста од активирање на неексплодираните убојни средства од Првата светска војна кои ги има во голем број на овој терен, надеж се полага во времето, бидејќи, според најавите. во текот на денешниот ден и утре најавени се врнежи од дожд, кој треба да помогне да се стави под контрола огнената стихија на Галичица.

OhridNews