Поради информаците од УХМР дека нов бран врнежи се очекуваат денеска во вечерните часови и во петок попладне после 14 часот, Координативното тело вчера издаде нови препораки за спречување на можните проблеми и последици.
-Поинтензивен влажен бран со врнежи од дожд локално над 25 л/м2 ќе има во петок, кога локално врнежите ќе бидат поројни и проследени со засилен ветер, информираат од Координативното тело. Оттаму ги упатуваат препорака до градоначниците да ги стават на располагање сите расположливи ресурси.
Меѓу препораките се градоначалниците да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да ги вклучат претставници од ЦУК, ДЗС и МВР. Градоначалниците кои имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси како механизација, вреќи и нафта веднаш треба да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување и да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови.
Се препорачува и континуирано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите, единиците за локална самоуправа да интервенираат на мостовите каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки, граѓаните кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на ЦУК, припадниците на МВР и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција, а возачите навремено да се информираат за состојбата на патните правци од страна на АМСМ.
Координативното тело апелира и до месното население да помага и да се активира.
OhridNews