Превентивните мерки и активности кои треба да се преземат со цел да се спречат пожари од поголеми размери во Охридскиот регион, беше главната тема на состанокот на Локалниот совет за превенција и за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простории од пожари, одржан вчера преку онлајн платформа.
На состанокот градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески истакна дека досегашната комуникација и соработка помеѓу надлежните служби е ефективна и дека истата треба да продолжи и во иднина. Тој потенцираше дека Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена за помош и поддршка за подобро менаџирање на кризни состојби со пожари на отворено но и да пружи поддршка во делот на превентивното делување. Исто така, градоначалникот информираше дека во делокругот на своите обврски, општината континуирано работи и реализира активности за подобрување на условите и капацитетите на Територијалната противпожарна служба, информира општинската прес служба.
Покрај градоначалникот, на состанокот присутвуваа претставници од одделите за превенција на СВР Охрид, претставници на Охридската територијална противпожарна единица, НП „Галичица“, ЈП „Национални шуми“- подружница Галичица, претставници на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
На состанокот е донесен заклучок во текот на наредниот период да се спроведат советодавни посети на месните заедници на територијата на општините Охрид и Дебрца со цел да се информира населението за опасноста од пожари, мерките за заштита и навремено делување.
OhridNews