Закупците на плажите 1,2 и 3 што се наоѓаат по должина на крајбрежјето на потегот од каналот Студенчишта до Горица се спротивставуваат на намерата на локалната самоуправа за поставување на тезги и друга опрема на просторот до Студенчишкото блато веднаш до асфалтната пешачка патека.

Тие деновиве упатиле протест до Општина Охрид од која бараат да се повлече од идејата за поставување урбана опрема покрај рекреативната патека. Во протестното писмо на концесионерите до кое дојде OhridNews, меѓу другото се наведува:

„Дозволете ни да Ве потсетиме дека плажите се земени под закуп за не така мала цена, вкупната инвестиција на трите плажи е над милион евра и оттука локалната самоуправа е првоповикана да не заштити од нелојална конкуренција, од загрозување на атрактивноста на ова место и да преземе мерки за унапредување на угостителството со својата политика, а не да носи одлуки кои се на штета на угостителскиот бизнис кој е компаративна предност на Охрид.

Од друга страна локалната самоуправа го затвори и пристапниот пат до угостителските објекти на ова подрачје со што уште повеќе го отежнува деловниот потфат на закупците како во поглед на дотур на роба така и во поглед на посетеноста на гости со што директно влијае на работењето на угостителските објекти“-стои во протестното писмо.

Концесионерите во писмото ја потсетуваат локалната самоуправава дека подрачјеот на Студенчишкото блато е заштитена зона и апелираат Градоначалникот и Советот на општина Охрид да ја преиспитаат сопствената одлука за уредување на ова земјиште.

Како што дознаваме деновиве имало обид да биде поставен времен објект наспроти една од плажите, но откако концесионерите се спротиставиле и побарале да ја видат дозволата за користење урбана опрема лицата кои сакале да ја постават се повлекле.

За случајот била информирана полицијата и општинскиот комунален инспекторат од каде се прогласија за ненадлежни.

-Надлежноста за решавање на проблемите на плажите од секоја комунална сфера е во надлежност на државниот инспекторат при Министерството за транспорт и врски. Тие се исклучиво надлежни за овие проблеми, ни изјави Танас Танасоски, раководител на Комуналниот инспекторат.

OhridNews