Концесионерите на охридските плажи најавија формирање здружение кое ќе ги штити нивните права. На ваков чекор тие се решија незадоволни од новите услови што Министерството за транспорт и врски им ги понуди во договорите за продолжување на концесиите.

Ако нешто во овие две години е направено на полето на туризмот е направено во плажарскиот туризам, а сега ни се нуди 4 пати повисока цена за закуп од 160 денари за метар квадратен, истакна Илија Џепароски, концесионер на плажата „Корали“.

Тој вели дека ваквата најава на министерството концесионерите ја толкуваат во стилот: „Доколку вие не ја земете плажата, ќе ја земе некој друг, но ние во никој случај нема да ги дадеме плажите и ќе ги работиме дури и да бидеме изложени на дополнителен притисок “, вели Џепароски.

Сопственикот на плажата „Корали“ искажа надеж дека сепак ќе биде изнајдено заеднички прифатливо решение, бидејќи концесионерите досега ги испочитувале сите свои обврски.

„Ако некој не ги исполни обврските, тоа се државата и локалната самоуправа бидејќи ние самите во овие две години инвестиравме во потребната инфраструктура, струја, вода и никој не ни одби од надоместокот“, додаде Џепароски. Според него концесионерите се жртви на судирот помеѓу централната и локалната власт кој ескалира преку  проблемот со собирање на сметот од неиздадените плажи. Затоа за да се заштитиме ние концесионерите ќе формираме здружение кое ќе ги брани нашите интереси, рече Џепароски.

Ohridnews