Концертот на полскиот композитор Кшиштоф Пендерецки со Македонската филхармонија на минатото издание на „Охридско лето“  е прогласен за „Музички настан” на 2013 година.

Во конкуренција со балетот „Александар Трети Македонски” и концертот на Дмитри Хворостовски со хорот и оркестарот на МОБ, незаборавниот настап на најстариот композитор на денешницата во предворјето на Света Софија,  го понесе епитетот најдобар концерт за  минатата година.

Обоистката Гордана Јосифова-Неделковска, долгогодишен селектор на музичкиот дел на програмата на Охридско лето, беше  наградена во категоријата „Меѓународна афирмација” меѓу кларинетистот Васко Дуковски и пијанистот Никола Паскалов. Исто така, фестивалот „Охридско лето“ беше и во трката за најдобар музички организатор, каде наградата замина во рацете на „Македонска опера и балет“ .

На свеченоста,  на која беа доделени признанијата за достигнувања во областа на класичната музичка уметност во вкупно девет категории, Охридско лето со ваквите признанија само го потврди  епитетот на најпрестижна манифестација, која цели 53 години со успех го организира Фестивалот кој на сцената ги донесе најголемите светски уметници и нареномираните театарски куќи од целиот свет.

Директорката на Охридско лето, Елизабета  Јанкуловска заблагодарувајќи се пред присутните во Македонскиот народен театар , истакна дека е голема чест да се биде на чело на институција  која има богата традиција и голем успех на светската уметничка сцена.

„Уверена сум дека и следните фестивалски изданија  ќе чекорат кон патот на успехот. Дозволете ми на крајот да ги поздравам залагањата на тимот што го реализира овој фестивал без кои и немаше оваа приказна да биде така успешна. Ѕвезденото небо на Охридско лето и во иднина ќе биде надополнето со бројни успеси и настапи на уште многу големи звезди.“ – истакна Јанкуловска, потсетувајќи дека и славниот композитор Пендерецки ја препознал големината на Фестивалот судејќи  според  врвните уметници кои настапиле на фестивалската сцена.

На настанот на кој присуствуваше и Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, беа доделени награди во уште шест категории во областа на музичката и балетската уметност за минатата година.

„Дуо Кировски“ е добитник на „Виртуози“ во категоријата „Камерен ансамбл“, во која беа номинирани и Скопскиот дувачки квинтет и Триото Академико, а Бранка Костиќ-Марковиќ, е наградена во категоријата „Музички публицист“ во која беа предложени и Крсто Скубев и Милица Шкариќ. Македонскиот хармоникаш Александар Кловски е „Млад музички уметник“, а негови конкуренти беаквартетот „Аулос” и мешаниот хор „Драган Шуплевски” при ФМУ. Оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова е „Музичко-сценски уметник“ за 2013, избрана меѓу сопранот Славица Галиќ-Петровска, и Саша Николовски Ѓумар. Љубомир Бранџолица пак ја доби статуетката вокатегоријата „Композитор” за која беа предложени и Дарија Андовска и Дамир Имери. Наградата „Виртуози“ за минатата година, во категоријата „Музички изведувач“, му припадна на диригентот Борјан Цанев.

Инаку, наградата „Виртуози“ беше востановена и првпат доделена минатата година по иницијатива на Министерството на култура, СОКОМ, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет.

OhridNews