Концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, кој ќе се одржи денеска во црквата Св.Софија со почеток од 21:00 часот, под диригентство на Елена Митревска а во рамките на фестивалот „Охридско лето“,ќе може да се следи во живо на веб страната на Охридско лето, www.ohridskoleto.com.mk.
Сите љубители на музичката уметност, кои нема да се во можност да присуствуваат во акустичната црква , ќе може да уживаат преку преносот на интернет. Лајв стримингот е новина која се практикува на сите светски фестивали а Охридско лето ја воведе ваквата практика на веб стриминг од пред неколку години.
– Преносите во живо, на повеќе настани од уметничката програма во текот на едно фестивалско издание, веќе станаа традиција на фестивалот, велат од Дирекцијата на фестивалот.
Видео преносот на интернет ќе започне од 20 часот, час пред започнување на концертот.
Музичката младина на Македонија е национална невладина организација која работи преку, со и за млади луѓе, развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи го нивното почетно јавно претставување на полето на музичката уметност. МММ се стреми да ја охрабри и да ја насочи потребата за директна комуникација помеѓу младите и аудиториумот како со музиката, така и со другите културни вредности. Цели 50 години Музичката младина на Македонија остварува голем циклус разновидни активности поврзани со дејноста на Камерниот оркестар– единствениот од ваков вид во Југоисточна Европа. Камерниот оркестар на МММ е добитник на бројни награди и признанија.
OhridNews