Вечерашниот концерт на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, под диригентската палка на маестро Саша Николовски-Ѓумар ќе може да се следи во живо на веб-страницата на „Охридско лето“, www.ohridskoleto.com.mk, а преносот од катедралната црква „Света Софија“ ќе започне од 20 часот, час пред започнување на концертот.

Сите љубители на музичката уметност кои нема да се во можност да присуствуваат во акустичната црква, ќе може да уживаат во концертот преку интернет.

– Лајв-стримингот е новина што се практикува на сите светски фестивали. „Охридско лето“ ја воведе ваквата практика на веб-продукција што со цел да го доближи фестивалот до најсовремените технолошки и ИТ достигнувања, велат од „Охридско лето“ .

Од таму додаваат дека овој начин на следење на програмата на најпрестижната манифестација кај нас, како новина, постојано ќе се осовременува, но и ќе опфати поголем број на настани.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е редовен учесник на нашата најголема и најпрестижна музичко сценска манифестација. Оркестарот основан пред 30 години е составен главно од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но често во него членуваат и млади музичари од други земји. Досега има реализирано повеќе од 90 концерти, со голем број диригенти и солисти од земјава и светот. Камерниот оркестар на МММ е добитник на повеќе награди и признанија.

Маестро Саша Николовски-Ѓумар критиката го смета за еден од најдобрите македонски диригенти. Работел со речиси сите македонски ансамбли – Оркестарот на Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Младинскиот камерен оркестар на Музичката младина на Македонија, Хорот и оркестарот на Факултетот за музичка уметност во Скопје и други. Добитник е на повеќе значајни награди и признанија од областа на културата и уметноста.

Концертот вечер ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се дела на П. И. Чајковски, Х. Персл, Г. Ф. Хендл.

OhridNews