Со еклектричниот настап на култниот детроитски диџеј Дерик Меј и Македонската филхармонија во автентичниот простор на Античкиот театар на 2-ри август, в сабота Македонија и Охрид ќе бидат ставени на светската музичка мапа. Организаторите најавуваат досега невидено шоу на овие простори.
Под отворено небо, љубителите на музиката, ќе имаат можност да присуствуваат на несекојдневен музичко-сценски спектакл насловен „Музика Универзалис“.
Легендарниот диџеј и еден од пионерите на детроитската техно-сцена, ќе настапи заедно со Македонската филхармонија, а за оркестарските аранжмани на музиката на Меј, е задолжен македонскиот музички уметник Емин Џијан.
Оркестарот ќе биде збогатен и со магичниот звук на пијаното, во изведба на нашата афирмирана пијанистка Емилија Потевска. Идеен творец и продуцент на овој настан е Огнен Узуновски – Оги, сопственик на продуцентската куќа „Излет мјузик“ и најблискиот пријател на Меј во Македонија, еден од неколкумината луѓе од светот, кој бил неколку пати досега гостин на Дерик Меј во неговиот дом и студио во Детроит.
Проектот е под покровителство на Министерството за култура. Концертот ќе претставува фузија од електронска и класична музика, фантастични светлосни ефекти, видео и аудио поддршка, специфични костими.
Дерик Меј е познато име за македонската публика. Тој е еден од пионерите на техно-сцената во Детроит, а критиката го нарекува Мајлс Дејвис во светот на техно-музиката поради неговиот оригинален, комплексен и меланхоличен стил. Од ладните и безживотни машини, Меј создава топлина, продуховеност и фантастична инспирација. Неговите настапи се познати по тоа што тој има ретка моќ публиката да ја доведе до лудило. Овој негов најнов проект со симфониски оркестар, ќе ја соедини артифициелната музика со благородниот звук на класичните инструменти. Меј ќе настапи со музика создавана во текот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години.
OhridNews
извор Макфакс