Љубителите на уметноста на отворањето на 56-то издание на најголемата и најзначајна културна манифестација во нашата земја, фестивалот Охридско лето, ќе имаат уникатна можност да уживаат во концертот на светски познатата оперска дива Елина Гаранча од Латвија. Таа ќе настапи утре вечер на Античкиот театар во Охрид во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет под диригентската палка на маестро Јон Марин од Романија.
-Во првиот дел од концерот ќе изведувам арии во кои до израз доаѓа мојот глас. Публиката во овој сегмент ќе може да чуе дела од Чајковски, Сен Санс и Гуно, додека во вториот дел од концерот ќе ја изведам Кармен, дело кон кое имам посебни чувства, бидејќи ми донесе настап во славната Метрополитен арена. – истакна прес конференцијата Елина Гаранча.
Таа рече дека се чувствува среќна и почестена што ќе настапи на фестивал кој има богата историја и традиција, додавајќи дека за Охридско лето слушнала од своите колеги, истакнатите музички уметници со светско реноме Михаил Хворостовски и Барбара Фритоли.
Романскиот диригент Ион Марин истакна дека по трет пат доаѓа во Охрид, по 1969 и 1978 година кога тука бил заедно со својот татко, кој исто така како диригент настапувал на Охридско лето.
-Сега сум тука повторно, овојпат привилигиран да настапам со Елина Гаранча.- рече маестро Марин.
Музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова Неделкоска, рече дека со концерот на Елина Гаранча продолжува долгогодишната традиција на отворањето на фестивалот Охридско лето да настапуваат светски познати музички уметници.
-Верувам дека фестивалската публика ќе има незаборавно музичко уживање. – додаде Јосифова Неделкоска.
Директорот на фестивалот Оливер Арсовски, истакна дека се е подготвено за почеток на 56-то Охридско лето.
-Според најавите ќе имаме прекрасно време на отворањето на фестивалот, и можам да кажам дека не очекува уникатно музичко доживување утре вечер на Античкиот театар. – рече Арсовски.
Фестивалот Охридско лето ѕтрадиционално ќе биде отворен на ден Петровден, 12-ти јули на Античкиот театар со почеток во 21 часот.
Г.М.