На Градскиот стадион во Скопје синоќа се одржа величенствен концерт во чест и спомен на Тоше Проески. На истиот датум и истото место една година по последниот концерт на Тоше се собраа многубројните негови фанови од целиот Балкан да ја слушнат повторно неговата музика. Овојпат за жал неговите хитови ги пееја неговите колеги и пријатели.
Концертот во чест на Тоше беше нешто невидено до сега на балканските простори. На Градскиот стадион во Скопје се собраа околу 40 000 посетители, а преку сателит преносот од концертот го следеа преку 30 милиони гледачи низ светот. Во текот на четиричасовниот спектакл беа воспоставени видео мостови со телевизиите од балканските земји, а на концертот учествуваа музички ѕвезди од Македонија, Балканот и пошироко.Средствата собрани од влезниците како и донациите на бројот 143 110 ќе се слеат во фондацијата „Тоше Проески“ и ќе бидат искористени за хуманитарни цели.
Посетеноста на концертот, бројот на музичари и пријатели на Тоше кои учествуваа и бројот на луѓе кои го следеа концертот преку сателит уште еднаш докажува дека Тоше беше мега ѕвезда. Луѓето од овие простори го сакаа и го сакаат заради неповторливиот вокал, љубовта што ја ширеше и хуманоста која го одбележа неговиот живот.
Јасмина Т. Момироска
фото:МИА